Фирмите се почесто користат интернет за комуникација со институциите

 

Македонските компании се почесто го користат интернетот за комуникација со јавните институции, од добивање информации и формулари, преку електронско враќање на пополнети формулари, до разни административни процедури.

Ова може да се заклучи од истражувањето на Државниот завод за статистика за Користење на информатичко-комуникациски технологии во деловните субјекти во текот на 2011 година, објавено во вторникот.

Според истражувањето, во минатата година дури 84 отсто од деловните субјекти со пристап на интернет, употребиле интернет за интеракција со органите на јавната власт.

Кога станува збор за е-трговија, процентот на користење на интернетот за електронско тргување со стоки и услуги се уште е низок.

Во текот на 2011 година, 8,9 отсто од деловните субјекти со 10 или повеќе вработени, имале е-трговија, односно купувале или продавале стоки или услуги преку компјутерски мрежи (преку веб или EDI), веб-продажба реализирале 5,3 отсто, а веб-купувања вршеле 4,8 отсто од деловните субјекти.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во јануари 2012 година, широкопојасен пристап на интернет (преку фиксна или мобилна конекција) имале 87,3 отсто од деловните субјекти со десет или повеќе вработени, додека пристап на интернет преку мобилна конекција (широкопојасна или друг вид на мобилна конекција)
имале 32,6 отсто од деловните субјекти.

Приближно една четвртина (25,5 отсто) од деловните субјекти на своите вработени, за деловна употреба, им обезбедиле преносливи уреди со кои се овозможува мобилна конекција на интернет, а 36 отсто за своите вработени обезбедиле далечински пристап до системот на е-пошта, документите или апликациите на претпријатието.

Една третина од вработените во деловните субјекти со 10 или повеќе вработени при вршењето на работните задачи користеле компјутер најмалку еднаш неделно, а 27,6 отсто од вработените, најмалку еднаш неделно користеле компјутер со пристап на интернет.

Преносливи уреди (пр., notebook, laptop, smartphone, PDA phone) кои овозможуваат мобилен пристап на интернет за деловна употреба користеле 5,3 отсто од вработените.

Скопје, 02.10.2012 (Макфакс)

Пронајдете не на следниве мрежи: