Србија е на чекор до одлука, по втор пат, да ја забрани Парадата на гордоста, закажана за на 6 октомври во Белград, а српските медиуми веќе јавуваат дека за забранат неофицијално веќе било одлучено во Министерството за внатрешни работи на Србија.
Неофицијално, во дипломатските претставништва на неколку водечки западни држави во Белград веќе било најавено дека Парадата на гордоста би можела да биде забранета.
Забрана за Парадата од Владата во вторник јавно побара и претседателот на Единствена Србија, пратеник во државниот парламент Драган Марковиќ Палма, нарекувајќи ја манифестацијата „парада на срамот и удар за семејството и Српската православна црква“.
Дачиќ претходно во интервју на национална телевизија најави дека врз основа на безбедносните проценки би можело да се очекува парадата да биде забранета и потсети дека пред две години при судир меѓу полицијата и хулиганите кои се против Парадата, кога повредени беа 100 лица.
„Ако некој смета дека Парадата е влезница за во ЕУ, еве утре се ќе организираме, по цена да дојде до големи судири. Но, ако тоа е цена за нешто што ќе дојде за 10 години, Србија има многу поважни проблеми“, изјави Дачиќ.
Тој истакна дека во расправата за одржување на Парадата не станува збор за човековите права туку за безбедноста на луѓето.
Дачиќ рече дека владата нема да се занимава со оваа тема туку дека министерството за внатрешни работи ќе донесе одлука дали парадата ќе биде забранета.
„За ништо друго не станува збор. Полицијата и МВР ќе го забранат тој собир ако проценат дека постојат безбедносни ризици, како и сите собири тој ден“ рече Дачиќ.
Организаторите на Парадата на гордоста најавија дека нема да седат со скрстени раце ако оваа организација биде забранета, не наведувајќи конкретно како ќе реагираат.
Истовремено, невладините организации во Србија побараа од српската влада и земјите членки од ЕУ да го обезбедат почитувањето на правото на слобода на собирање во Србија.
Парадата на гордоста во Србија неколку пати беше планирана од 2001 година, но до 2010 година ниеден обид не е успешен. На првата Парада во 2001 година, хулигани и екстремистички здруженија ги нападнаа учесниците на парадата.
Белград 02.10.2012 (Макфакс)
Пронајдете не на следниве мрежи: