Сојузот на самостојните синдикати на Србија ќе ги повика граѓаните на масовни протести доколку влада во следните две до три седмици не ги врати цените на главните прехранбени производи и енергенсите на претходните вредности, предупреди челникот на синдикатот Љубисав Орбовиќ.
Серијата поскапувања следеа откако на 1-ви октомври стапи на сила одлуката на владата на Србија за зголемување на данокот на додадената вредност (ДДВ) од 18 на 20 отсто, што е дел од првиот пакет мерки на новите српски власт за стабилизирање на јавните финансии.
„Со зголемувањето на ДДВ-то не се опфатени основните животни продукти, така што зголемувањето на цените овие денови е неоправдано. Ќе ѝ дадеме на владата 15 до 20 дена да ги врати цените на нивото од пред 1-ви октомври. Доколку тоа не го стори, ќе ги повикаме граѓаните на масовни протести низ цела Србија“, изјави Љубисав Орбовиќ, претседателот Сојузот на самостојните синдикати на Србија.
Најмногу се почувствуваа посакувањата на месото, при што пилешкото поскапо за од околу 2,4 на 3,2 евра, свинскиот бут од 4,40 на 6,2 евра, а јунешкиот бут од 5,40 на 6,7 евра. Маслото за готвење има повисока цена од 1,2 на 1,8 евра, а месечниот билет за градскиот сообраќај во Белград од околу 26 на 32 евра.
„Она што некогаш претставуваше храна за сиромашните, сега е мислена именка за многу семејства. Куповната моќ на српското население е драстично опадната“, предупреди Орбовиќ и ги предупреди српските политичари кои се сега на власт, дека пред изборите ветуваа дека ќе воспостават контрола врз цените.
Здружението на потрошувачите укажуваат дека немало никакво економско оправдување за новиот бран поскапувања и тврдат дека станува збор за „злоупотребите на монополистичката позиција“ на одредени произведувачи и трговски синџири. Од друга страна, на фактот дека многумина го искористија зголемувањето на ДДВ-то за поскапувањата, министерот за трговијата Расим Љајиќ реагираше со предупредување дека власта „по тоа прашање нема да седи со скрстени раце“, но не прецизираше што владата ќе стори.
Српската влада на 10-ти септември го усвои првиот пакет мерки за стабилизација на јавните финансии, меѓу кои и зголемување на ДДВ-то 18 на 20 отсто, како и укинување на 130 парафискални намети и даноци. Со овој пакет мерки платите во јавниот сектор се ограничени на 162 илјади динари или околу 1.400 евра.
Според најавите на министерот за финансии и стопанство, Млаѓан Динкиќ, ефектите од тие мерки би требало да резултираат со заштеди од околу 26 милијарди динари во последниот квартал од 2012 година и 120 милијарди динари во 2013 година.
Како мерка за заштита на стандардот на населението, задржана е посебна стапка на ДДВ од 8 отсто на храната, меѓутоа синдикатот укажува дека „производителите и трговците не ги почитуваа владините мерки“.
Белград, 03.10.2012 (Макфакс)
Пронајдете не на следниве мрежи: