Основното јавно обвинителство ја отфрли кривичната пријава против сопственикот на менувачница во Кисела Вода кој пред една година ги уби двајцата разбојници кои сакале да го ограбат. Кривичната пријава е отфрлена затоа што делото го извршил во нужна одбрана согласно чл.9 од Кривичниот законик што го исклучува гонењето. Имено, пријавениот сопственик на менувачницата, со пиштол кој го поседувал со дозвола, лишил од живот две лица кои насилно влегле, му се заканиле вооружени со пиштоли, му нанеле повеќе удари во пределот на главата и грбот, и се обиделе да извршат кривично дело разбојништво во менувачницата, се вели во соопштението од ОЈО.
Во текот на постапката бил прибавен и вешт наод и мислење за пресметливоста на осомничениот, во кое било констатирано дека тој бил психофизички здрав и пресметлив, но дека во критичниот момент кај него се развил интензивен страв за сопственото здравје и живот, кој кулминирал кога двете лица влегле зад пултот на менувачницата и започнале да вршат физичко насилство врз него.
-Од анализата на сите докази прибрани во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител оцени дека осомничениот немал претходно формирана намера некого да лиши од живот, туку делувал исклучиво во нужна одбрана, со цел да го заштити својот живот, своето здравје и имот, истакнуваат од ОЈО.
Со тоа што одбраната била преземена во истиот момент кога бил и нападот и таа е сразмерна на нападот, со што се исполнети елементите на институтот – нужна одбрана, кој не дозволува лицето да биде гонето за кривично дело убиство.