Писмо што научникот Алберт Ајнштајн го напишал една година пред смртта во кое пишува за погледите кон религијата, ќе се најде на `eBay` овој месец, а почетна цена му е три милиони долари.
Писмото познато како `Божјо писмо` (God Letter) нуди поглед кон приватните мисли на Алберт Ајнштајн за религијата, Бог и трибализмот, пренесува Reuters.
„Ова писмо, според мое мислење е од историско и културно значење затоа што во него се наоѓаат личните и приватни мисли на Алберт Ајнштајн, еден од најбрилијантните умови на 20 век“, вели претседателот на аукциската агенција, Ерик Газин.
Ајнштајн го напишал писмото во Германија на 3 јануари 1954 година, а му било наменето на филозофот Ерик Гудкајнд, откако Ајнштајн ја прочитал неговата книга`Избери живот: Библиски повик на револт`.
„Зборот Бог за мене не е ништо повеќе од изразување и производ на човечката слабост, библијата е збир на почесни и примитивни легенди кои се прилично детинести„, напишал научникот, кој во 1921 година е награден со Нобелова награда за физика.
Анонимниот продавач на писмото, кое ќе се најде на аукцијата во оригиналното плико, марка и поштенски жиг, го купил на аукција во Лондон 2008 година, за 404.000 долари.
Од тогаш писмото е сместено во температурно-контролиран трезор во јавна институција.
Иако, почетната цена е три милиони долари, Газин вели дека очекува писмото да достигне двојно или тројно поголема цена, на аукцијата која ќе трае од 8 до 18 октомври на сајтот www.einsteinletter.com.
„eBay има најширока можна публика во целиот свет, така што аукцијата ќе биде за сите“, вели тој.
Њујорк, 03.10.2012 (Макфакс)
Пронајдете не на следниве мрежи: