Во вторникот на Волстрит берзанските индекси останаа речиси непроменети, бидејќи на пазарите владееше несигурност по прашањето дали Шпанија конечно ќе ја побара меѓународната финансиска помош и какви ќе бидат деловните резултати на компаниите за третиот годинешен квартал.
Така индексот Dow Jones ослаби за 0.24 отсто, на 13.482 поени, додека, пак, индексот S&P 500 зајакна за 0,09 проценти, на 1.445 поени, а, пак, индексот Nasdaq 0,21, на 3.120 индексни поени.
По медиумските написи дека Шпанија е подготвена да побара финансиска помош од надвор уште следниот викенд, во вторникот премиерот Мариано Рахои изјави дека неговата земја нема намера толку бргу да побара помош.
Кога Мадрид би побарал помош, Европската централна банка би можела да купува шпанските државни обврзници на пазарите и така да ја намали цената на задолжувањето на оваа членка на еврозоната, што би и го олеснило решавањето на должничките проблеми.
„Сé додека ситуацијата не биде појасна, можеме да очекуваме несигурност на пазарите, па натамошниот раст на цените ќе биде отежнат. Уште повеќе што наскоро почнува сезоната на објавувањето на кварталните деловни резултати на компаниите,“ вели за Reuters Франк Грец, аналитичар на компанијата „Wellington Shields“.
Последните седмици многу компании предупредуваат на влошување на деловните услови секаде низ светот, па аналитичарите ги намалуваат процените за нивните финансиски резултати во третиот квартал од 2012 година, oттаму, следната седмица, кога почнува сезоната на објавување на резултатите, се очекува многу нестабилно тргување.
Њујорк, 03.10.2012 (Макфакс)
Пронајдете не на следниве мрежи: