Дел Бој пишува мемоари

Loading...

 

Славниот британски актер Дејвид Џејсон ќе ја одбележи педесетгодишнината од својата работа во индустријата на забавата со објавување мемоари. 

 

Автобиографијата на 72-годишниот актер ќе се појави во издание на издавачката куќа „Random House“ есента 2014 година. Дејвид Џејсон се прослави по улогите на Дел Бој во хумористичниот серијал „Сплетки“, на инспекторот Фрост во истоимената криминалистичка серија и на главата на веселото семејство во серијата „Прекрасните мајски пупки“.

 

Роден 1940 година, Џејсон својата телевизиска кариера ја започна во 1964 година настапувајќи во телевизиски сапуници. Со светска слава се стекна во 1981 година кога започна емитувањето на серијата „Сплетки“, една од најдобрите британски хумористични серии во телевизиската историја. Улогата на Дел Бој ја толкуваше до 2003 година. 

 

Во 1992 година од BBC се пресели на ITV и следните 16 години го толкуваше ликот на инспекторот Фрост во криминалистичката серија која доби многу пофалби од гледачите но и од критиката.

 

Кралицата Елизабета Втора во 2005 година го прогласи витез за заслуги за британската култура.

 

„Во изминатите педесет година имав извонредно искуство да работам со некои од најдобрите актери и автори на светот. Оваа книга за мене ќе претставува можност патувањето низ животот и кариерата да го споделам со британската јавност, луѓето кои беа неизмерно великодушни и многу љубезни при пружањето поддршка“, рече Џејсон.

 

Лондон, 04.10.2012 (Макфакс)

loading...
Loading...