Червар: СЕХА лигата треба уште многу организационо да напредува

 

Поради непатувањето за Прешов, каде во првото коло требаше да му гостува на Татран, екипата на Металург од СЕХА лигата парично е кказнета со 2.000 евра, а натпреварот го загуби со службен резултат 10:0.

Тренерот на Металург, хрватскиот ракометен стратег Лино Червар, смета дека СЕХА лигата е позитивно натпреварување, но дека уште многу треба да напредува на организационен план.

„Мислам дека СЕХА лигата ни користи, но би требало оваа лига позитивно да биде искористена. На што мислам, кога веќе не ни носи заработка, туку само трошоци, играчите кои помалку ги оптоварувам, а за кои сметам дека би требало повеќе да играат да се обидам и низ СЕХА лигата да ги мобилизирам да се стекнат со самодоверба, да можат да преземат одговорност и на силните натпревари во Лигата на шампиони. Во спротивно, ние не сме во иста позиција со другите , не го сметам тука Загреб кој има свои интереси. Сите други мора да ги покриваат своите трошоци“, вели Червар. 

Червар се пожали и на згуснатиот распоред со кој е соочена неговата екипа. 

„Ние во Лигата на шампиони игравме со Шамбери, сега ни доаѓа Горење, па ќе одиме во Данска, а потоа ќе играме со Санкт Петербург, и на овие натпревари ние требаше четири пати да гостуваме во СЕХА лигата. И мечот со Нексе требаше да го играме во гости, но тие ни излегоа в пресрет и прифатија да гостуваат. Не сакам да критикувам, но велам дека организациски треба на поинаков начин да се постават работите сите екипи да имаат еднакви услови“. 

Според него, Металург треба да добие некои бенифиции од играњето во регионалната лига. 

„Ние и Загреб сме единствените екипи кои играат во Лигата на шампиони, некои ќе играат квалификации во Лига Европа, а сите други играат само во СЕХА лигата, што значи дека сите тие ќе одмораат до февруари, кога ќе започнат натпреварите  во Лига Европа. СЕХА лига допрва ќе треба да се роди како што треба, да добиеме некои бенефиции од играњето тука, како на пример, директен пласман во ЛШ или некој друг европски куп“, рече Червар. 

Металург во СЕХА лигата од почетокот на сезоната има два пораза и една победа, покрај поразот со службен резултат од Татран Прешов, Нексе со 30:29 го победи македонскиот првак, единствената победа Металург ја забележа над Борац од Бања Лука со 31:19.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: