Европската комисија (ЕК) нема да му предложи на Европскиот совет на Србија да и одреди датум за почеток на преговорите сé додека Белград не ги исполни условите поврзани со нормализацијата на односите со Косово.
Ова е нотирано во документот на Европската комисија „Стратегија за проширувањето за периодот 2012 – 2013“, пренесува во петокот агенцијата Танјуг, додавајќи дека во делот кој се однесува на Србија се наведува дека „Комисијата ќе го направи извештајот кога ќе утврди дека Србија достигнала неопходен степен на согласност со критериумите што Европскиот совет го постави на 5-ти декември 2011 година, а особено оние поврзани со Косово“.
Комисијата на Европскиот совет ќе му препорача да одреди почетокот на преговорите кога ќе оцени дека дошло до „видливо и одржливо подобрување во односите на Србија со Косово што ќе овозможи да двете да напредуваат кон ЕУ, а ќе ја избегнат заемната блокада“.
Таквата оцена на српскиот политички и државен врв ќе ја соопшти европскиот комесар за проширување Штефан Филе, кога идната среда ќе допатува во Белград на разговори за Европската комисија и претстојните чекори на Србија во процесот на нејзините евроитнеграции.
Филе во српскиот главен град ќе допатува на 10-ти октомври, веднаш по објавувањето на годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на земјите во процесот на приближување кон ЕУ, меѓу кои е и Македонија. Според портпаролот на Филе, Петер Стано, еврокомесарот за проширување детално ќе ги запознае српските функционери со извештајот на ЕК, особено во контекст на претстојните чекори на Србија во евроитнеграциите.
Една од клучните оцени на ЕК е дека процесот на ширење на ЕУ треба да продолжи, но и дека за овој процес се сериозни предизвиците како „кршењето на човековите права, организираниот криминал и корупцијата“.
Деновиве неименувани функционери во Брисел нагласија дека што се однесува за Србија, извештајот на ЕК ќе биде проширен и со оцената за забраната на одржувањето на Парадата на гордоста, што предизвика загриженост, осуда и критика во европските институции. Се дознава, дека иако специјално не се осврнува на откажувањето на прајдот во Белград, во стратешкиот документ на ЕК се посебно истакнати кршењето на правата на малцинствата, а особено на ЛГБТ популацијата, во регионот на западен Балкан.
Белград, 05.10.2012 (Макфакс)
Пронајдете не на следниве мрежи: