Српската полиција му предаде барање за приведување на поранешниот министер Оливер Дулиќ заради сомневање дека ја злоупотребил службената должност.
Како што јавува „Блиц“, при обидот за апсење Дулиќ се повикал на пратеничкиот имунитет, соопштувајќи дека во 12 часот има намера да одржи прес конференција во Парламентот, по што најавил дека ќе се јави во полиција.
Обвинителот заради тоа одлучил до Собранието на Србија да испрати итно барање за укинување на неговиот имунитет, но според сè, тоа би можело да се случи дури во понеделник, кога е првиот работен ден во Парламентот.
Покрај Дулиќ, полицијата го привела и Небојша Јањиќ, помошник министер, како и Зоран Дробњак, директор на ЈП „Патишта Србија“.
„Немам што да кријам и едвај чекам да разговарам со државните органи. Очигледно станува збор за политички прогон, бидејќи веќе еден месец сум сатанизиран преку два таблоида под контрола на власта со цел да се подготви терен за моето приведување“, рече Дулиќ за „Блиц“.
Полицијата се сомнева дека Дулиќ ја злоупотребил позицијата во случајот при монтажата на оптички кабли за интернет со словенечката фирма „Нуба инвест“.
Дулиќ од друга страна има намера на полицијата да и ја предаде документацијата која ќе покаже дека во 2010 година барал да се спроведе истрага и дека тогаш обвинителството утврдило дека нема основ дека ја злоупотребил позицијата.
Белград, 06.10.2012. (Макфакс)
Пронајдете не на следниве мрежи: