Долгоочекуваниот договор започнува со реализација на планот според кој ќе биде воспоставен нов автономен регион Бангсамото во јужните области каде што доминираат муслиманите во оваа мнозински католичка земја, а би требало да се случи пред крајот на претседателскиот мандат на Бенигно Акино во 2016 година. Бангсаморо се однесува на муслиманските и немуслиманските малцински народи во јужни Филипини.
„Овој договор создава нов политички ентитет и го заслужува името коешто симболизира и оддава чест на борбата на нашите предци на Минданоа и ја слави историјата и карактерот на тој дел од нашата историја. Тоа име ќе биде Бангсаморо“, објави Акино во телевизиското обраќање од претседателската палата.
Договорот претставува важен напредок во довербата меѓу владата и сепаратистичкиот Исламиски фронт за ослободување на Моро (MILF) кој долго време со сомневање гледаше на мотивите на централните власти во Манила во преговорите.
Договорот е постигнат на преговорите во малезиската престолнина Куала Лумпур минатата седмица, а него ќе се формира 15-члена преодна комисија која до 2015 година треба да предложи закони со кој ќе се формира новиот ентитет, кој што ќе ја замени сегашната автономија на регионот.
Новиот ентитет и неговите надлежности ќе бидат одредени со плебисцитарно усвојување на суштинскиот закон.
Овој муслимански регион ќе добие поголеми политички и економски овластувања, вклучувајќи и воведување данок кој би ја намалил владината помош, потоа поголем удел во приходите од природните богатства и поактивна улога во внатрешната безбедност.
Овие планови сѐ уште може да бидат попречени со евентуалното одвојување на радикалните исламистички групи од MILF и нивното продолжување на борбата во регионот во кој се забележани врски со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда. Закана за договорот претставуваат и можните кланови коишто имаат под контрола некои области и сега би можеле да почувствуваат дека е загрозено нивното политичко влијание.
По четирите децении судири и речиси 15 години преговори за прекин на насилствата, сите повозрасни припадници на MILF, се нестрпливи да ги видат резултатите од годините мировни преговори, сметаат аналитичарите. Челните луѓе на движењето, исто така, може да бидат мотивирани и со можностите за приходите од големите резерви нафта, гас и минерали во бунтовничките области, делот на вкупното минерално богатство на островот Миндао се проценува на 312 милијарди долари.
На југот на Филипините повеќе од 40 години продолжуваат крвавите судири меѓу владините сили и муслиманските бунтовници и меѓу нив самите. Во нив животите ги загубија околу 150 илјади луѓе, претежно на католичка страна, а повеќе од два милиона се иселени од своите домови.
Една од најрадикалните и најмоќни групи коишто може да го загрозат мировниот договор е Абу Сајаф (Носители на мечот) која е основана на почетокот од 1990-те со средства добиени од ликвидираниот водач на Ал Каеда, Осама бин Ладен. Во почетокот на 2004 година групата го изврши најголемиот во историјата на Филипини терористички чин кога во воздух го крена ферибот „Superferry-14″, при што загинаа повеќе од 200 луѓе.
Според филипинското разузнавање, Абу Сајаф брои околу 400 припадници. Сепак, според експертите, операциите против милитантите кои последниве неколку години филипинската армија и безбедносните сили ги водат советувани од американските воени советници, сериозно ја наруши способноста на екстремистите и натаму да извршуваат големи терористички напади.
Групата често прибегнува кон киднапирање за откуп поради финансирање на своите активности. Ако откупот не е платен на време, заложниците се погубуваат.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: