Жртвите во аферата со прислушувањето бараат дисциплинирање на весниците

Околу 60 жртви во аферата со прислушувањето во Велика Британија, најголемиот број од нив познати глумци, пејачи и јавни личности од светот на забавата, бараат дисциплинирање на британските весници.

Во отворено писмо до премиерот Дејвид Камерон тие побараа од Владата да се однесува „непристрасно“ околу прашањето на регулирањето на работата на весниците.

Една група од овие луѓе, кои водат остра кампања за законско регулирање на печатените медиуми, тврдат дека Владата „се определува“ уште пред да биде познат извештајот на судијата Левисон.

Повеќе од осум месеци, судијата Левисон ја истражуваше „моралноста и етичноста“ на весниците, како последица на аферата со прислушувањето на говорната пошта од мобилната телефонија и во неа покрај „жртвите од аферата“ и главни уредници на весниците, учествуваа сите живи поранешни британски премиери, освен Маргарет Тачер.

Активистите на групата, што ги предводи познатиот британски филмски глумец Хју Грант тврдат дека Камерон ќе ја одбие новата регулатива за весниците, дури и доколку Левисон во својот заклучок, тоа го сугерира.

Хју Грант кој за себе тврди дека е „жртва на аферата“, која избувна во мардоковиот неделник „Њјз оф д Ворлд“, во интервју за Би-Би-Си денеска побара строги прописи за работата на весниците.

Според Грант на Велика Британија и се потребни нови прописи и регулација за печатот, оправдувајќи го тоа со неуспехот на т.н. „саморегулирање“, што е сега во сила да спречи избувнување на аферата, како и брзо реагирање на првите сознанија за прислушувањето, кои се појавија во 2006 година.

Грант и членовите на оваа група инсистираат Владата да ги прифати и да ги спроведе заклучоците на истрагата на Левисон, барајќи со „дисциплинирање“ на весниците да се задоволат „жртвите на аферата“, а не пријателите на политичарите, што е алузија на блискоста на Камерон со луѓето од најблиското опкружување на Руперт Мардок.

Би-Би-Си тврди дека според сознанијата од извори блиски на истрагата, во извештајот, судијата Левисон ќе сугерира донесување на нова регулатива за работењето на весниците.

Даунинг стрит 10 одби да го коментира отвореното писмо, објаснувајќи дека премиерот Камерон ќе реагира дури откако ќе се појави извештајот на Левисон, кој е најавен за крајот на оваа година.

Пронајдете не на следниве мрежи: