Хрватска го слави Денот на независноста

Loading...

Хрватска на 8-ми октомври, понеделник, го слави Денот на независноста, во сеќавање на 8-ми октомври 1991 година кога хрватскиот Сабор едногласно изгласа да се раскинат сите државно-правни врски со СФРЈ.

Со тоа беше утврдено дека Хрватска повеќе не ги смета за легитимни и легални телата на тогашната СФРЈ, како и дека не  признава ниеден акт на телата кои настапуваат во името на поранешната федерација, која како таква не постои.

Наведено беше дека Хрватска е подготвена со оние републики со кои не е во оружен конфликт да воспостави, да одржува и да ги развива, политичките, општествени и културни односи.

Со одлуката се наведува дека Хрватска, како самостојна и суверена држава која ги гарантира и ги осигурува темелните права на човекот и националните малцинства,  подготвена е да влезе во меѓудржавни и меѓунационални асоцијации со други демократски држави. Како и дека ќе продолжи со постапката за утврдување меѓусебни права и обврски со останатите републики на поранешната СФРЈ.

Одлуката беше донесена три месеца по Брионската декларација со која Хрватска се обврза на тримесечно одложување на прогласувањето на самостојноста и сувереноста, на барање на Европската заедница, која бараше југословенската криза да се обидат да ја решат поранешните нејзини републики.

Тој меѓународен мораториум истече ден пред донесување на одлуката на 7-ми октомври, кога поранешната ЈНА со авиони ги ракетираше Бански двори, резиденцијата на хрватскиот претседател, со намера да го ликвидираат тогашниот претседател Фрањо Туѓман, како и членовите на тогашната влада и парламент.

Нападот е извршен во 15.03 часот а во него загина еден човек, додека четири беа повредени. Поради таа агресија Саборот ја донесе спомнатата Одлука за раскинување на државноправните врски со поранешната СФРЈ.

Макфакс

loading...
Loading...