Асанж ќе ја тужи за клевета премиерката на Австралија

Творецот на контроверзниот интернет ресурс WikiLeaks Австралиецот Џулијан Асанж најмил адвокати да поднесат тужба за клевета против австралиската премиерка Џулија Гилард, јави во понеделникот интернет страницата на Radio Australia.

Според мислењето на Џулијан Асанж, зборовите на премиерката Џулија Гилард искажани во 2010 година, негативно се одразиле врз одржливост на организацијата. Тогаш австралиската премиерка го осуди објавувањето на доверливите материјали на интернет страницата на WikiLeaks, нарекувајќи го „крајно неодговорно“ и „нелегално“. Набрзо по изјавата на Гилард, банкарскиот систем за плаќање MasterCard воведе забрана за пренесување донации за проектот на Асанж до сите иматели на платежни картички од ваков вид во Австралија. Според Асанж, компанијата MasterCard, ја наложила забраната, водејќи се од коментарите на австралиската премиерка.

„Ние одлучивме да поднесеме тужба за клевета, па затоа најмив адвокати во Сиднеј и тие ќе ја испитаат можноста за поднесување тужба против Гилард за нејзината изјава“, ја цитира радиото изјавата на Асанж.

Истовремено, радиото повикувајќи се на група на активисти од движењето Getup!, пренесува дека Асанж ја обвинува владата на својата татковина и за тоа што таа не му ја обезбедила потребната поддршка.

„Не видов ниеден претставник на австралиската амбасада и конзулат кога седев во затвор во 2010 година, и сето што го сторија беше што донесоа пенкала, тетратки и уште некои дребулии“, ги цитираат зборовите на Асанж активистите на движењето.

Основачот на WikiLeaks во Шведска е осомничен за силување и сексуално малтретирање, што наводно се случиле во август 2010 година. Властите во Стокхолм побараа од Велика Британија, каде што отпатува Асанж, да им го предадат 41-годишниот Австралиец поради распрашување во полицијата за што беше распишана потерница по него. Од средината на јуни годинава Асанж се засолни во амбасадата на Еквадор во Лондон. Во август, Еквадор се согласи да му даде азил на Асанж, но властите во Велика Британија се решени „да ги исполнат своите меѓународни правни обврски“ кон Шведска.

Претставник на Скотланд Јард тогаш изјави дека полицајците кои дежураат пред еквадорската амбасада се подготвени да го уапсат Асанж, штом тој ќе ја напушти територијата на дипломатската мисија, која се наоѓа во Најтсбриџ, во западен Лондон. „Заседата“ што за Асанж ја постави полицијата на Лондон, секојдневно ја чини 11 илјади фунти.

Самиот Асанж ги отфрла обвинувањата, нарекувајќи ги дел од „клеветничката кампања“ што се води против WikiLeaks, по објавувањето на стотиците илјади класифицирани материјали за воените операции водени во  Авганистан и Ирак, како и објавувањето на околу 250 илјади документи од преписката на меѓу американските дипломати во светот и Стејт департментот на САД, што предизвика непријатности за Вашингтон, бидејќи во нив имаше невкусни и непријатни забелешки за повеќето светски државници. Основачот на контроверзната интернет страница во неколку наврати изрази стравување дека откако тој ќе биде предаден во Шведска, ќе следи негова екстрадиција по барање на САД, каде што му се заканува можен процес за шпионажа.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: