Демонстрации во Атина против посетата на Меркел

Околу 8.000 Грци протестираа поради посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Атина, со пораки дека не е добредојдена во нивната земја.

Протестот во Атина е одржан пред денешната посета на Меркел на Атина, а го организирале синдикатите поради намалувањето на платите и укинувањето на олеснувањето во текот на последните три години.

Демонстрантите, како што пренесува Ројтерс, го изразуваат своето незадоволство против Меркел бидејќи поголем дел од нив, строгите мерки за штедење на коишто инсистира Меркел, ги гледаат како причина за лошата состојба во којашто се нашла земјата.

Меѓу транспарентите истакнати пред парламентот, најмногу биле со натписи „Ангела, не си добредојдена“. Демонстрантите извикувале слогани против мерките за штедење.

Меркел за прв пат доаѓа во Грција, откако во земјата почна должничката криза во 2009 година, а во текот на нејзината шестчасовна посета предвидени се силни безбедносни мерки.

Полицијата за денеска ги забрани сите собири во центарот на Атина и ангажираше 6.000 полицајци како и специјалната антитерористичка единица.

Порпаролот на Меркел, Штефен Зајберт изјави дека таа во Грција ќе донесе порака за поддршка на амбициозни мерки за штедење коишто веќе се започнати во Атина со охрабрување да се продолжи со напорите.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: