Секој осми човек на планетава е неисхранет

Секое осмо лице во светот е хронично недоволно исхрането, објави во вторникот агенција на Обединетите нации за храна- FAO, предупредувајќи дека борбата против гладот во светот го загубила залетот од 2007/2008 година кога цените на храната почнаа да растат и предизвикаа бунтови во сиромашните земји.

Во последниот извештај за безбедноста на храната агенцијата на ОН проценува дека во периодот од 2010 до 2012 година гладувале 868 милиони луѓе, што претставува околу 12,5 отсто од целокупната светска популација, што, пак, од своја страна претставува поголем пад на бројот на гладните отколку во претходните прогнози. Во периодот пред една деценија, од 1990 до 1992 година, имаше околу милијарда гладни во светот или 18,6 отсто од светската популација.

„Тоа е подобро отколку што беше порано, меѓутоа сé уште значи дека секој осми човек е гладен. Тоа е неприфатливо, особено кога живееме во свет на изобилство“, изјави Хозе Грасиано да Силва, директор на Организацијата за храна и земјоделие (FAO) при Обединетите нации.

„Повеќето успеси во борбата против гладот се постигнати до 2006 година, бидејќи цените на храната беа во пад. Со растот на цените на храната и економската криза којашто следеше, има помал напредок во оваа борба“, додаде са Силва.

Во извештајот на FAO се предупредува дека економското заздравување на земјоделскиот сектор, а особено на малите земјоделски стопанства, е клучно за борбата против гладот.

Повеќето недоволно исхранети луѓе во светот живеат во неразвиените земји, во коишто 14,9 отсто од населението не неисхрането.

Во последните дваесетина години проблемите со гладта за 30 отсто се намалиле во Азија, додека Африка е единствениот дел од планетата во кој овој проблем се зголемил и бројот на недоволно исхранети луѓе до 175 милиони во периодот од 1990/1992 година се искачил на 239 милиони во периодот 2010/2012 година.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: