Пред 35 години, на 24-ти јуни, во охридско се одиграа два натпревари од 30-то коло од Општинската фудбалска лига на кои вкупно беа постигнати неверојатни 223 гола.Едниот се одигра во селото Велгошти, каде што домашниот Илинден 903-та го победи Младост од Вапила со 134:1, вториoт во Долно Лакочереј, каде домашниот Градинар загуби од Дебарца од Белчишта со резултат 0:88.
Хроничарот на овие настани Димче Стојкоски – Лепи, во својата книга „30 години ОФС Охрид и ООФС Охрид“ го објаснува овој нескојдневен настан.
Тогаш во Општинската лига на Охрид, Илинден 903-та и Дебарца водеа “мртва трка” за првото место во лигата што значеше директен пласман во Пелагонискиот регион. Пред тоа последно, решавачко коло и двете екипи имаа ист број бодови, по 52. но Дебарца беше прва благодарение на подобрата гол-разлика за еден гол (Дебарца 95 : 36; Илинден 82:24).
Со постигнатите голови во 30тото коло ФК „ИЛИНДЕН“’ 1903 имаше гол разлика од 216 : 25 и 54 бодови, а ФК „ДЕБРЦА“ 183 : 36 и 54 бодови. Во нормални услови реално ќе беше ФК „ИЛИНДЕН“ 1903 да го победи на ФК „МЛАДОСТ“ со разлика од неколку голови, а додека кај ФК „ГРАДИНАР“ и ФК „ДЕБРЦА“ резултатот ќе беше неизвесен. Во истото коло на фудбалскиот стадион „ГРАШНИЦА“ играа ФК „РИБАР“ од Трпејца и ФК „СЛАВЕЈ“ од Мешеишта со резулт 0 : 1.-се потсетува Лепиот.
Во тоа време немаше мобилни телефони, па за да се дознае како се движи резултатот на другиот натпревар била направена цела стратегија. Обезбедена била радиоврска, “шпионите” се криеле на околните дрвја во селата, во куќите и кај своите пријатели. Се се одвивало тајно, но сепак, сите знаеле како се движат резултатите.
На натпреварот во Долно Лакочереј меѓу Градинар и Дебарца (0:88). Во првото полувреме било 0:14. Имало многу комични ситуации, домашните играчи, често паѓале на теренот, се превиткувале за судијата да го продолжи натпреварот и да добијат во време. Сепак, и овие 88:0 не и беа доволни на Дебарца да биде прва во лигата и да се пласира во Пелагонискиот регион.
Што се случувало во Велгошти, каде што фудбалерите на Илинден 1903 се покажале како “поефикасни” .
На полувремето на мечот меѓу Илинден 903-та и Младост ефикасноста не била толку голема, “само” 11:0 за домашните, во Велгошти второто полувреме почнало со околу 25 минути задоцнување, бидејќи поради поројниот дожд, морале повторно да се обележуваат линиите на теренот. Така бараат пропозициите. Во првото полувреме се играл барем некаков фудбал, но во второто почнал циркусот кога се дознало дека Дебарца води со 40:0. Во Велгошти во тој момент резултатот бил 20:0. И почнала невидена серија голови, речиси на секои 30 секунди бил постигнуван по еден гол.
Штом Илинден 1903 ќе постигнел гол, се играло со повеќе топки, бидејќи една од нив веднаш се враќала на центарот за да продолжи акцијата. Пред голот на Младост бил само голманот и двајца играчи за да нема офсајд. Во случај напаѓачите на Илинден 903та да не постигнеле гол, од бековската линија, еден од играчите на Младост ќе ја шутирал топката на неколку метри од голот, токму до противничките играчи, за полесно да постигнат гол. Другите фудбалери биле далеку од голот, околу центарот, за да не “пречат” во играта и на противничките фудбалери околу постигнувањето на головите.
Најефикасен бил напаѓачот на Илинден 903-та Наум Шапкаровски, кој за 90 минути постигнал 46 гола, а во Лакочереј Злате Силјаноски постигнал 20 гола запишани во протоколот.
Управниот Одбор на ОФС Охрид ги поништи резултатите, екипите беа казнети а екипата на ФК „СЛАВЕЈ“ од Мешеишта како трето пласирана е прогласена за шампион во Општинската фудбалска лига и играше во квалификации за Третата лига и успеа да се пласира во повисок ранг на натпревари.
За жал или за среќа овие резултати не беа признати од ГИНИС, но секако дека предизвикаа голем интерес и останаа во сеќавање, раскажува спортскиот хроничар Димче Стојкоски – Лепиот.
OhridNewsЕдниот се одигра во селото Велгошти, каде што домашниот Илинден 903-та го победи Младост од Вапила со 134:1, вториoт во Долно Лакочереј, каде домаш