Лидерот во фудбалскиот шампионат на Русија, Анжи од Махачкала, подготвил понуда од 40 милиони евра за капитенот на Манчестер Јунајтед, Немања Видиќ.
Неколку руски и германски медиуми објавија дека сопственикот на екипата од Дагестан, Сулејман Керимов, го сака Видиќ, со цел неговата екипа следната сезона да биде сериозен ривал во Лигата на шампиони.
„Колку и да го смета Видиќ за еден од клучните играчи во тимот, Алекс Фергусон тешко дека ќе може да ја одбие оваа понуда. Се работи за играч кој наскоро ќе наполни 31 година“. Ова е само еден мал дел од анализата на интернет страниците кои се специјализирани за фудбалските случувања.
Германскиот сајт „4-4-2“ пишува дека Видиќ би можел да биде привлечен во Анжи и од годишната плата од осум милиони евра, што е за три милиони повеќе од она што го заработува во Манчестер Јунајтед.
Сопственикот на Анжи, не е загрижен ниту од тоа што поранешниот српски репрезентативец во последните две години пропушти многу натпревари поради разни повреди.
Екипата од Дагестан на Видиќ ќе му понуди договор кој би имал важност до 2017 година.
Макфакс
извор: б92
Пронајдете не на следниве мрежи: