Два милиона мито за упис на Харвард

Брачна двојка од Хонгконг го тужи поранешниот харвардски професор дека им зел два милиона долари ветувајќи им оти нивните синови ќе ги запише на славниот универзитет Харвард.

Ова во четвртокот го пишува дневниот весник Boston Globe, истакнувајќи дека тоа претставува опомена за родителите вмешани во многу компетитивниот „рулет“ на уписите на универзитетите во САД.

„Кога станува збор за примањата на факултетите, гаранција нема и точка. Доколку некој ви каже дека може да ве уфрли на Хравард, тоа е измама“, изјави за весникот Марк Кантровиц, експерт за финансирање и планирање студии од Кренбери во сојузната американска држава Пенсилванија.

Џералд и Лили Чоу, и двајцата државјани на Кина, во својата тужба поднесена уште во 2010 година во окружниот суд во Бостон, наведуваат дека на професорот Марк Зимни му платиле два милиона американски долари бидејќи им било ветено дека нивните два сина ќе ги запише на елитен американски универзитет, по можност на Харвард. Сопружниците во тужбата, исто така, тврдат дека Зимни им рекол дека ќе им помогне околу уплатите на нивните донации на другите елитни факултети, заобиколувајќи го наводниот расизам против азиските донатори.

Сопружниците Чоу го обвинуваа професорот Зимни за измама, кршење на договорот и неоправдано богатење и бараат да им ги врати нивните пари. Зимни во судските поднесоци ги негирал обвинувањата, пишува Boston Globe. Тужбата сега треба да биде префрлена на сојузен суд, а во ноември се очекува првото рочиште, се додава во написот.

Зимни е поранешен професор на Харвард, кој се кандидирал за образовната консултантска група IvyAdmit Consulting LLC, пренесува Associated Press.

Случајот на семејството Чоу е екстремен, а Кантровиц вели дека родителите во САД трошат големи суми во настојувањата своите деца да ги запишат на водечките универзитети, плаќаат советници коишто им помагаат во подготовката за полагање на испитите и пишувањето есеи потребни за пријавување на факултетите.

Минатата година Харвард прифатил само 6,2 отсто од 34.950 пријавени за упис, наведува студентскиот весник The Harvard Crimson.

Харвард имал најниска стапка за упис од ткн Ivy League, групата од осум елитни приватни универзитети во североисточните држави во САД, под Колумбија со 6,9 отсто и Јел со 7,35 отсто запишани студенти, додава студентското гласило.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: