Ливада во Делчево сомнително продавана и препродавана. Истрага на финансиската полиција која вознемири многумина

Управата за финансиска полиција, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје врши проверки во рамки на предистражна постапка, а по претходно добиени сознанија за извршени сомнителни трансакции на парични средства помеѓу ЕВН ЕЛЕКТРАНИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица.

Во рамките на предистражната постапка, а по претходно обезбедени наредби од надлежните судови, во текот на денешниот ден беше извршен претрес кај повеќе физички лица на територија на Град Скопје и Делчево, меѓу кои вработени лица во ЕВН ЕЛЕКТРАНИ ДООЕЛ Скопје и ЕВН МАКЕДОНИЈА АД Скопје, а со цел пронаоѓање на докази во насока на ефикасно водење на предистражната постапка и докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела.

Целосно ги демантираме и отфрламе изјавите на пратеникот Јован Јаулески дека претресот е извршен кај него дома, ниту пак пак кај некој друг претставник на политичка партија. Предистражната постапка се однесува на вработени лица во ЕВН ЕЛЕКТРАНИ MAKЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и ЕВН МАКЕДОНИЈА АД Скопје.

Ве молиме Управата за финансиска полиција да не се злоупотребува за политички цели.

Што навистина се случувало??

Ливада во Делчево планирана за фотоволтаици на ЕВН и неколкуте трансакции исплатени за таа земја, е целта на истрагата која денеска на денот на сендицата за доверба на влада кулминираше со повеќе претреси меѓу кои и претрес кај Раде Јаулески, татко на пратеникот Јован. Предистрагата е за сомнежи со финансиски малверзации во ЕВН, каде постариот Јаулески е раководител на оддел за јавни набавки, но пратеникот оцени дека на овој начин власта се обидува да изврши притисок.

Сопственик на земјиштето во Делчево го продал на друго лице, кој пак за повисока цена го препродал имотот на ЕВН за да се изградат фотоволтаици за производство на струја. Цената која ја платила ЕВН е во рамките на предвидената цена наменета за инвестициии во компаниите, велат нашите извори. Целата зделка била сомнителна поради што е пријавено во антикорупциска и во финансиска полиција.

„Јаулески излажа дека во неговиот дом Финансиската полиција вршела претрес. Постојат документи кои покажуваат на која адреса живее Јован Јаулески, односно стан кој го плаќа Собранието, за којшто граѓаните плаќаат 330 евра месечно. Згора на се’, Јаулески зема и патни трошоци.“ – велат од СДСМ.

А според документите на кои посочија од СДСМ претресот бил извршен во домот на родителите на пратеникот Јаулески. Од Управата за финансиска полиција ја потврдија акцијата но велат дека не знаеле дека влегуваат во домот на родителите на Јаулески. Од таму демантираат дека претресот има политичка позадина.

„Целосно ги демантираме и отфрламе изјавите на пратеникот Јован Јаулески дека претресот е извршен кај него дома, ниту пак кај некој друг претставник на политичка партија. Предистражната постапка се однесува на вработени лица во ЕВН Електрани Mакедонија и ЕВН Македонија.“ – велат од Управа за финансиска полиција.

Токму еден од вработените кај кој бил извршен претрес за кои информира финансиската полиција е таткото на пратеникот Јаулески, Радослав Јаулески, вработен во ЕВН Електрани како раководител на група за градежни работи во Одделот за набавки.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.