Јаневски со неколку нови имиња ќе ја напаѓа Србија

 

Без суспендираниот Пандев и повредениот Шиков, македонската фудбалска репрезентација, во вторник, на „Филип Втори“ ќе и се спротистави на Србија во натпреварот од четвртото квалификациско коло за пласман на СП во Бразил.

Македонија и Србија, во петокот загубија како домаќини од Хрватска односно Белгија, што кај двете репрезентации прави дополнителен притисок. 

Селекторот на Македонија, покрај двете принудни измени кои мора да ги направи, најави дека уште две освежувања во тимот, но не и менување на формациската определба. 

„Го анализиравме натпреварот со Хрватска, кој го загубивме, нашата игра со Србија мора да биде течна, мора да имаме подобри и поточни додавања, мора брзо да излегуваме од нашата половина. Исто така мора да внимаваме и на дефанзивниот дел, да не ги повториме грешките од претходните неколку натпревари“, рече Јаневски. 

Со кои 11 ќе истрча Македонија, селекторот ќе знае дури по тренингот во вторник, иако прими „ефтин“ гол против Хрватска се чини дека местото на голманот Богатинов не е загрозено. 

„На сите тешко им падна поразот од Хрватска. Не е тајна дека Богатинов на тој натпревар погреши при вториот гол, но грешки правеле и поголеми голмани од него. Него му треба поддршка, јас сум првиот кој ќе го заштити, не само него туку и сите мои играчи. Зошто ако земам пушка и да ги стрелам сите тогаш ќе нема играчи за утрешниот натпревар. Секој што игра прави грешки, работата е тие грешки да се сведат на минимум, така што до утре ќе видиме во каква психичка состојба е Богатинов кои 11 ќе го почнат мечот“, вели селекторот. 

Играта на Србија е добро анализирана, мечот на Србите во Белград против Белгија го следел селекторот на младата селекција Бабунски. Иако станува збор за иста фудбалска школа Србија во многу нешта се разликува од Хрватска. 

„Основна разлика е што Србија нема класични напаѓачи, имаат подвижни играчи во нападот. Хрватска во тој дел има класични напаѓачи Манџукуќ и Јелавиќ. Србија има и доста брзи крилни играчи, а плејмејкерот Тадиќ кој игра зад напаѓачот Ѓуричиќ често го менува местото. Заедничко со Хрватска им е тоа што и нивните бекови (Ивановиќ и Коларов) играат многу офанзивно“, рече Јаневски.

Селекторот потенцира дека кој и да истрча на теренот, дека неговиот тим ќе оди на победа. 

„Мора да покажеме дека мечот со Хрватска беше само еден лош ден, мора да покажеме дека не сме заборавиле преку ноќ да играме фудбал“. 

Македонија и Србија натпреварот од четвртото коло ќе го одиграат во вторник со почеток во 20:30 часот.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: