Министерството за внатрешни работи информира дека во вторник ќе бидат превземени посебни безбедносни мерки околу Националната Арена „Филип Втори Македонски” поради одигрувањето на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Србија.
Српскиот фудбалски сојуз известил дека нема да има организирано патување за навивачките групи, но поради тоа што се работи за меѓународен натпревар, МВР го третира како натпревар од висок ризик.
Меѓу другото, во рамки на сообраќајниот режим, во вторник од 12:00 часот ќе биде затворен сообраќајот од крстосниците на улиците „Ленинова” и „Јордан Хаџи Константинов-Џинот” кон фудбалскиот стадион, и ќе бидат пропуштани само возила со посебни пропусници.
Исто така, во тој период ќе биде расчистен сообраќајниот и паркинг просторот во непосредна близина на стадионот. Во периодот, од 17:00 часот ќе бидат сообраќајно регулирани и приодите од булеварот „Илинден” кон националната арена, односно ќе се пропуштаат само возила со посебни пропусници и други итни потреби.
МВР апелира до граѓаните, особено оние коишто со возила ќе се упатуваат кон националната арена, во посочениот период од 17:00 часот да ги почитуваат сообраќајните правила и да ги паркираат своите возила на дозволени паркинг простори.
Инаку, согласно постоечкиот Договор за полициска соработка меѓу македонското и српско МВР, во Скопје се пристигнати и четворица службеници на полицијата на Србија.
Макфакс
извор: Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: