Лемурите од Мадагаскар најзагрозени примати

Лемурите од Мадагаскар денес се меѓу најзагрозените примати на планетава поради уништувањето на нивните природни живеалишта и забранетиот лов, предупредија експертите за заштита на природата во најновата студија за оваа проблематика.

Студијата со наслов „Приматите во опасност“, претставена во понеделникот на конференцијата за биолошката разновидност во Хидерабад во јужна Индија, истакнува дека од 25 различни примати во опасност во светот, шест видови живеат на Мадагаскар, пет во Виетнам а две во Бразил.

„Иако досега не загубивме ниеден вид примат во текот на изминатите векови, некои навистина во безнадежна состојба“, оценува Кристоф Швејцер, одговорен за истражувањата во фондацијата Bristol Conservation and Science Foundation, којашто учествувала во студијата.

„Лемурите денес се меѓу најзагрозените цицачи на светот, по повеќе од три години политичка криза и при недостиг од закон кој би ги заштитувал“, вели Швејцер осврнувајќи се на политичката криза којашто го потресува Мадагаскар по соборувањето на претседателот Марк Раваломанане.

Така, што се однесува до Мадагаскар, научниците се многу загрижени за судбината на лемурите, каде што бројот на северниот лемур (Lepilemur septentrionalis) паднал на само 19 примероци.

Извештајот во кој учествуваше и Меѓународниот сојуз за зачувување на природата оценува дека приматите се жртви на уништувањето на нивните природни живеалишта и на нелегалниот лов.

Научниците идентификуваа 25 видови лемури, мајмуни, човеколики мајмуни и други примати кои се блиску до истребување, и ја повикаа меѓународната заедница да преземе итни мерки за заштита на овие животни, се вели во соопштението на меѓународната еколошка организација Conservation International (CI).

Листата на загрозени примати ја формираа научници од различни земји на сесијата на Конвенцијата на Обединетите нации за биолошка разновидност. Оваа листа се ажурира на секои две години. Последното ажурирање беше презентирано на сесијата којашто деновиве се одржува во индискиот град Хидерабад.

„Листата вклучува девет примати од Азија, шест од Мадагаскар, пет од Африка и уште пет од земјите на неотропскиот регионот (Јужна Америка, делови од Централна Америка, Карибите и јужниот дел на Флорида.). Уништување на нивните живеалишта во текот на развојот на човекот и нивното населување, како и нелегалниот лов, се главните причини за исчезнувањето на ретките примати“, се вели во извештајот.

Како што прецизираат од CI, Виетнам, Бразил, Кина, Колумбија, Брегот на Слоновата Коска, Конго, Еквадор, Екваторијална Гвинеја, Гана, Кенија, Перу, Шри Ланка, Танзанија и Венецуела се земјите кои се домовите на најретките примати во светот.

Покрај тоа, како што е наведено во извештајот, 91 отсто од сите видови примати наведени во Црвената книга на Меѓународната организација за заштита на природата (IUCN), се на работ на истребување. Нивото на закана за натамошното постоење на овие животни на планетата е една од највисоките во споредба со другите 'рбетници.

Меѓутоа, еколозите посочуваат и на ефикасноста на такви видови коишто „исчезнуваат“ од листата загрозен. На пример, макака-вандеру, кој живее во Индија и широконосниот лемур (Lepilemur platyrrhine) кој живее на Мадагаскар беа исклучени годинава од листата на загрозени видови, благодарение на напорите за нивното зачувување.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: