Македонија без право на грешка против Србија

 

Фудбалската репрезентација на Македонија, во вторник, со почеток во 20:30 часот, на „Филип Втори“, ќе го одигра натпреварот од четвртото коло во рамките на квалификациите за пласман на СП во 2014, чии домаќин ќе биде Бразил.

Противник на избраниците на селекторот Чедомир Јаневски ќе биде репрезентацијата на Србија. 

Дуелот во Скопје ќе биде поправен испит за двете репрезентации, откако и Македонија и Србија, како домаќини, во петокот, беа поразени од Хрватска односно Белгија. 

Токму загубените бодови, во претходното коло, му даваат дополнителна важност на овој дуел и на двете селекции – Македонија со евентуален пораз не само што ќе ги загуби шансите за пласман на едно од првите две места, туку и во прашање ќе ја доведе и борбата за третата позиција, Србија од друга страна, доколку не ги освои бодовите ќе заостане премногу зад конкурентите Хрватска и Белгија, кои во ова коло не би требало да имаат проблеми против репрезентациите од Островото, Велс односно Шкотска. 

Двајцата селектори не се согласуваат дека овој меч е од суштинско значење за нивните селекции. 

Српскиот стратег вели дека по дуелот во Скопје ќе останата уште шест кола, во кои може да се исправи загубеното.

Јаневски и Михајловиќ, на своите прес конференции најавија дека нема да ги менуваат формаците (4-2-3-1 Македонија и 4-3-3 Србија), но и двајцата најавија одредени промени во стартните состави, во однос на оние кои започнаа против Хрватска односно Белгија. 

Предводникот на македонската репрезентација, за разлика од својот колега, се соочува со кадровски промени, Пандев е суспендиран, а Шиков е повреден. 

Јаневски мора да направи две измени, доколку Шиков не игра на неговата позиција ќе настапи Грнчаров, замена за Пандев можат да бидат Хасани или Ивановски, инаку селекторот најави дека тимот ќе го освежи со уште две нови имиња.

 

Макфакс

извор: макфакс/фото ffm.com.mk

Пронајдете не на следниве мрежи: