Apple поднесе жалба на одлуката на јапонскиот суд во полза на Samsung

Американскиот технолошки гигант Apple поднесе жалба против одлуката на јапонски суд, кој неговиот најголем конкурент јужнокорејски Samsung го прогласи невин по обвинувањето за нелегално користење на технологијата на Apple, како што бараше американската корпорација, јави Bloombergг.

Apple ја загуби патентата тужба против Samsung во судот во Токио на крајот од август годинава. Барањето на американската компанија против најголемиот конкурент на пазарот на мобилната телефонија беше во врска се начинот на синхронизација на музика и видео од оддалечени сервери.

Глобалната патентна војна меѓу Apple и Samsung, кои се обвинуваат меѓусебно за нелегалното копирање на дизајнот и технологијата на основните мобилни уреди се води од пролетта 2011 година. Притоа двете страни поднесоа една против друга десетици тужби во разни земји низ целиот свет.

На крајот на летото во САД меѓу Apple и Samsung започна големото судење. Како резултат на тоа, поротата заклучи дека Samsung во своите паметни телефони го нарушил патентното право на Apple, но дека во таблетот на јужнокорејската компанија поротата на нашла нарушување на авторското право. Конечната одлука за овој случај судијата Луси Кохтреба да ја објави во декември.

Во глобалната патентна конфронтација меѓу двата најголеми играчи во светот во мобилната технологија Apple го обвини ривалот на копирање на изгледoт и елементите од интерфејсот на смартфоните iPhone, како и на таблет компјутерите iPad. Кон крајот на август, поротата на Врховниот суд на САД донесе пресуда во полза на Аpple, со препорака за плаќање надомест во висина од 1,05 милијарди долари. Оваа парична казна за Samsung може да се зголеми уште повеќе, бидејќи Apple бараше и забрана за продажбата на одредени модели смартфони на јужнокорејската компанија во САД.

Јапонски суд, за разлика од американскиот, не најде дека производите на Samsung ја нарушуваат интелектуалната сопственост на Apple. Посебно не беа најдени нарушувања во деталите за синхронизација на мобилните уреди за видео и аудио материјали. Apple, кој го негираше тоа тврдење, ќе мора да ги плати судските трошоци.

Исто така, во серијата на судските конфронтации меѓу двете компании се вброи и процесот во јужнокорејската престолнина Сеул, каде што судот најде дека и Apple и Samsung меѓусебно ги нарушиле правата за интелектуална сопственост. Судот во Сеул им нареди на двете компании да си исплатат мали реципрочни надоместоци, и ја забрани продажбата на спорните уреди на двајцата производители на територијата на Јужна Кореја.

На глобалниот пазар на паметни телефони според истражувањето на аналитичката компанија IDC во предност е Samsung, чиј удел во вториот квартал од 2012 година изнесувал околу третина од испорачаните мобилни телефони. Во делот, пак, на таблет компјутерите, неприкосновен лидер е Apple, чиј таблет iPad во споменатиот период заземал две третини од вкупниот светски пазар, според истражувањето на компанијата Strategy Analytics.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: