Грчките преговори со „тројката“ запнаа кај пазарот на трудот

Социјалистите и партнерите на левицата во коалициската влада на Грција во вторникот се спротиставија на прифаќањето на мерките за дерегулација на пазарот на трудот што го бара тројката (ЕУ, ЕЦБ и ММФ), поради што запнаа преговорите на Грција и меѓународните доверители.

По средбата со конзервативниот премиер Антонис Самарас, Фотис Кувелис предупреди дека 17-те пратеници од неговата партија Димар (умерена левица) „нема да гласа за барањата на тројката“, доколку тие влезат во новиот пакет мерки за штедење кои Грција мора да ги прифати овие денови за да ја добие следната транша во висина од 31,5 милијарди евра од големиот заем од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд.

Неспоменувајќи го неприфаќањето во парламентот, лидерот на грчките социјалисти, Евангелис Венизелос, сепак, вели дека минатата зима при носењето на претходните мерки за штедење, земјата „сторила најмногу што можела“ во сферата на дерегулацијата на пазарот на трудот.

„Тројката се игра со оган“, зголемувајќи ги барањата, рече Венизелос, истакнувајќи дека од премиерот Самарас побарал на европскиот самит во четврток да ги извести своите колеги за ситуацијата. Конзервативците од Неа деморкатиа на Самарас и социјалистите од ПАСОК на Венизелос, заедно имаат доволно мнозинство во парламентот, односно имаат 162 од 300-те пратенички мандати.

По состанокот на трите коалициски партии, преговорите меѓу претставниците на „тројката“ и министрите за финансии Јанис Стурнарас и за труд Јоанис Вирцис, сепак, продолжија во вечерните часови во вторникот, соопшти за AFP извор од грчкото министерство за труд.

„Нема блокади, настојуваме да ги приближиме ставовите“, изјави министерот Вирцус враќајќи се на преговорите откако за нивниот тек ги извести трите владејачки партии.

Според извори во грчкото министерство, „тројката“ бара укинување на тригодишните индексации на минималната плата коишто минатата зима е намалена на 580 евра, како и мерки за полесно отпуштање од работата и намалување на трошоци за отпуштања за работодавачите.

Венизелос ја обвини „тројката“ дека „намерно отежнува“ со преговорите додека Атина се надева на поддршката на партнерите на европскиот самит на 18-ти октомври, а Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд не можат да се договорат за тоа како да се извлече Грција од големата криза.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: