Според информациите на италијанското министерство за јавната управа, корупцијата оваа земја ја чини 60 милијарди евра годишно, а јавните вложувања во инфраструктурата поради корупијата се зголемуваат за 40 отсто.
Италијанската влада идниот понеделник ќе претстави документ на 400 страници за корупцијата, направен од експертска комисија на италијанското министерство за јавната управа, а кој го содржи податокот за 60 милијарди евра коишто на годишно ниво ги губи државата поради корупцијата, најавија владини кругови во Рим.
Документот содржи и процени дека митото во јавните работи доведува до зголемување на издатоците за 40 проценти.
Поради недостигот од транспарентност во јавната управа, Италија се наоѓа на 69-то место на меѓународната скала на земји загрозени од корупцијата.
Италијанците, исто така, не веруваат во ефикасноста на борбата против корупцијата. Авторите на документот за корупцијата спровеле и истражување меѓи граѓаните, коешто покажало дека 64 отсто граѓани на Италија сметаат дека владините антикорупциски мерки се неефикасни.
Последните седмици Италија ја потресоа неколку корупциски скандали, кои доведоа до распуштање на регионалните парламенти во регионите Ломбардија и Лацио.
Италијанската влада се зазема за донесување антикорупциски закон кој веќе со месеци чека во парламентот. Министерот за јавната управа, Филипо Патрони Грифи, верува дека законот ќе биде донесен до крајот на оваа седмица.
Со новиот закон Италија настојува борбата против корупцијата да ја прилагоди на меѓународните стандарди. Доколку законот биде изгласан, службениците коишто ќе бидат прогласени виновни за корупција би можеле да добијат затворска казна до пет години. Покрај тоа, новиот закон би требало да овозможи и поефикасна борба против корупцијата и во приватниот сектор.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: