Најмалку 19 мртви во епидемија на менингитис во САД

Најмалку 19 луѓе починаа во САД од епидемија на габичен менингитис, предизвикан од контаминирани стероиди, а има уште 247 регистрирани случаи во 15 сојузни држави, објавија во среда навечер американските власти.

Речиси 14.000 лица во 23 држави можеле потенцијално да ја примат инјекцијата заразена со паразитската габа која потекнува од компанијата за подготовка за лекови New England Compounding Center со седиште во Масачусетс. Компанијата ги повлекла сите свои производи и прекинала со работа.

Епидуралните инјекции со стероиди се наменети за лекување на болката во грбот предизвикани од хернија на дискот или болки во зглобовите.

Најпогодена сојузна држава со епидемијата на менингитис е Тенеси со осум мртви и 61 случај. Следи Мичиген со тројца мртви и 48 случаи.

Симптомите на менингитис се појавуваат меѓу една и четири недели по примената инјекција, но во некои случаи можат да поминат и повеќе месеци, соопштија властите.

Габичниот менингитис е ретка и непренослива инфекција, која предизвикува запаление на заштитните мембрани на мозокот и рбетната течност.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: