Папучите на Марија Антоанета продадени за 50 илјади евра

Папучите на француската кралица Марија Антоанета на наддавање во Франција се продадени за 50 илјади евра.

Аукциската куќа Paris Druout очекуваше папучите во зелена и розова боја ќе достигнат цена од околу десет илјади евра. Меѓутоа, според организаторот на наддавањето понуди пристигнувале од сите страни.

„Секако, многу ретко се наоѓа нешто што и’ припаѓало на кралица, особено кога станува збор за приватни, интимни работи. Тоа се извонредни ситуации и секако дека предизвикуваа голем меѓународен интерес“, изјави францускиот писател и историчар, специјализиран за кралските семејства, Сирил Булеи.

Најмногу понуди пристигнале од анонимни купци преку телефонски повици.

Марија Антоанета, ќерката на австриската царица Марија Терезија, се омажила за францускиот крал Луј XVI во 1770 година.  Иако во Париз била дочекана со одушевување кај народот, поради енормното расипништво со текот на годините станала замразена личност. И денес остана многу популарна анегдотата дека пред почетокот на Француската буржоаска револуција од 1789 година, слушајќи за проблемите на гладниот народ рекла „Ако немаат леб, нека јадат колачи“. Нема историски податоци дека Марија Антоанета тоа навистина го рекла.

По завршувањето на револуцијата, осудена е за предавство и погубена со гилотина во Париз на 16-ти октомври 1793 година.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: