Штрајк во Грција, центарот на Атина го обезбедуваат 4.000 полицајци

Грчките работници во четврток започнаа 24 часовен штрајк, втор за три недели, со кој на Европската унија(ЕУ) и порачуваат дека новото кастрење на платите и пензиите само ќе ја влоши состојбата во земјата која веќе пет години е во рецесија.

На повик на двата најголеми синдиката на штрајкот одговорија вработените во јавниот сектор, како и голем број работници, јавува Ројтерс.

Улиците на Атина во четврток осамнаа пусти. Замреа активностите во пристаништата, јавниот превоз е отежнат, во болниците дежураат итните служби, а затворени се административните објекти, министерствата и повеќето продавници, дури и пекарите.

Заради штрајкот се затворени и киосците со весници, а штрајкуваат и адвокатите, таксистите и контролорите на летови.

Грција е погодена со најтешката криза по Втората светска војна и со кастрења на трошоците мора да заштеди најмалку 11,5 милијарди евра.

За денеска се закажани протести пред Парламентот, а на централниот плоштад Синтагма веќе се распоредени околу 4.000 полицајци.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: