Возачите и преставниците на тимовите кои се натпреваруваат во Мото ГП шампионатот, му оддадоа почит на трагично настраданиот Марко Симончели, на патеката ’Сепанг’ во Малезија.
Поворката тргна од боксот на Сан Карло Хонда Гресини, екипа за која минатата година возеше Симончели, стигна до свиокот 11 во која се случи трагичната несреќа, а сопственикот на тимот Фаусто Гресини ја постави спомен плочата.
Следуваа две минути молчење, а потоа сите уште еднаш се простија од Симончели кој го загуби животот на патеката ’Сепанг’ на 23. октомври минатата година.
„Остана празнина која никогаш нема да биде пополнета. Марко беше посебен и на сите ни недостига. Ќе се обидеме на трката да го дадеме максимумот поради Марко“, рече Гресини, кој загуби возач и во 2003 година, кога на патеката ’Сузука’ настрада Даигиро Като.
Трката за Големата награда на Малезија ќе се вози во недела, со почеток во 10 часот по средноевропско време.
Макфакс
извор: макфакс/ фото ansa.it
Пронајдете не на следниве мрежи: