Караџиќ ја поддржа работата на Михајловиќ

 

Првиот човек на Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС), Томислав Караџиќ, преку соопштение му упати поддршка на актуелниот селектор на репрезентацијата, Синиша Михајловиќ.

Српскиот селектор, по поразот од Македонија во вторникот во Скопје и претходниот од Белгија во Белград, се најде на удар на јавноста и особено медиумите во Србија кои бараат негова оставка. 

„ФСС и јас лично му даваме целосна поддршка на селекторот Михајловиќ на патот што го одбра, а тоа е подмладување на играчкиот кадар. Така беше, така е сега и така ќе биде“, изјавил Караџиќ за официјалната интернет страница на ФСС. 

Претседателот на ФСС, во соопштението вели дека, како и целокупната јавност, е длабоко потресен од поразот во Скопје, со кој на Србија речиси и се затворија портите кон Светското првенство во Бразил. 

„Поразите кои ги доживеавме со новиот, подмладен тим, на сите тешко ни дојдоа. За резултатите на нашата „А“ репрезентација ќе разговараме на првата следна седница на Извршниот одбор на ФСС, веднаш откако ќе го добиеме извештајот од стручниот штаб на сениорската репрезентација“, рекол Караџиќ. 

Србија во квалификациите за пласман на СП, следниот натпревар ќе го одигра на 22. март против Хрватска.

 

Макфакс

извор: fss.rs

Пронајдете не на следниве мрежи: