Металург против Санкт Петербург, во поход кон четвртата победа во ЛШ

 

Ракометарите на Металург, во сабота ќе го одиграат натпреварот од четвртото коло, во рамките на Ц групата, во Лигата на шпампиони. Противник на Металург ќе биде рускиот преставник Санкт Петербург, екипа со која ракометарите на македонскиот првак играа во фазата по групи.

Металург во минатата сезона не загуби од рускиот тим, во Санк Петербург беше 25:25, а во Скопје избраниците на Лино Червар убедливо победија со 32:19. 

Новата сезона Металург ја започна со три победи во елитното натпреварување, од кои две на гостински терен, во Франција кај Шамбери и во Данска кај Силкеборг, во Скопје беше поразен словенечкиот тим Горење Велење. 

Стратегот на Металург, Червар и покрај максималниот ефект во првите три рунди ја „спушта топката на земја“ и не дозволува еуфорија да завладее во клубот. 

Прифаќа дека неговиот тим е фаворит против Русите, но повикува на претпазливост бидејќи резултатите во другите групи покажуваат дека сезонава изненадувањата се можни во елитната лига. 

Червар, на прес конференцијата информира дека Санкт Петербург е добар тим, чија игра се базира на цврстата 6-0 зона, од која многу бргу се трансформираат во контра и полуконтра. 

„Во однос на лани променија петмина важни ракометари. Голманот Шицко се покажа во добро светло во првите три кола, Санаскин е на десно крило, имаат пивот кој е висок два метри, Пишкин, кој игра и важна улога во одбраната. На десен бек игра Григорев, тој е многу важен за нивната игра, не се покажа во првите две средби, но експлодира во третиот против Шамбери, каде постигна девет голови. Се работи за добар, силен и висок играч. Тој против Шамбери го реши нивниот натпревар“, рече Червар. 

Според тренерот на Металург надворешната тројка Насиров,Чезлов и Григорев се посилниот дел од тимот, останатите се во служба на екипата. 

„Мора да ја спречиме нивната надворешна линија. Имаат висока одбрана во средината и со тоа ќе треба да се справиме. не смееме да дозволиме да не навлечат, што ќе биде лоша опција за нас, нападите да ги завршуваме од неизградени позиции. Мора да бидеме трпеливи во нападот, доколку брзо ги губиме топките тогаш тие казнуваат од таа нивна полуконтра, која многу добро ја работат“, анализира предводникот на Металург. 

Решение за високата руска зона, во нападот може да биде игра преку кружните напаѓачи Димовски и Ракчевиќ. 

„Натпреварот ќе биде голем тест за нас, треба да бидеме претпазливи, не смееме да дозволиме да не понесе некаква еуфорија. Многу се опасни, против секој противник можат во едно полувреме да направат предност од седум до осум голови. На тренинзите работевме во изнаоѓање на решение за нивната висока зона, знаеме дека нема да можеме да ги разбиеме со шут од надвор. Јас би сакал да ја повториме играта од минатите натпревари, цврста одбрана, голманите да бранат добро и крилата да бидат брзи, а во нападот да бараме зицер ситуации“, рече капитенот на Металург, Ванчо Димовски, посочувајќи дека Санкт Петербург не е наивен противник и дека лошо би било доколку рускиот тим се потцени. 

Тренерот и капитенот на Металург посакуваат победа, со која би го задржале максималниот ефект во пресрет на мечот со полскиот Киелце. 

Победа против Санкт Петербург би значел огромен исчекор кон пласман во Топ 16 фазата во Лигата на шампиони. Желба на Червар е Металург до крајот на годината да го обезбеди местото меѓу најдобрите шеснаесет во ракометна Европа. 

Натпреварот од четвртото коло во Лигата на шампиони, Металург-Санкт Петербург, ќе се одигра во сабота, во салата „Борис Трајковски“ со почеток во 18 часот.

 

Макфакс

извор: макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: