Словенечките банки во осумте месеци од оваа година забележале загуба од 94 милиони евра, значително повеќе од 13 милиони евра загуба во истиот период 2011 година.
Ова го покажува податокот од новиот извештај на словенечката Централна банка за тековното работење на банкарскиот систем. Послабите резултати се толкуваат со постојаното зголемување на средствата што банките мораат да ги издвојуваат за отписи и резервации на име на слабеење на кредитниот портфељ, односно лошите кредити дадени претходните години. За отписи и резервации банките во осум месеци оваа година издвоиле 647 милиони евра, а лани само 459 милиона во истиот период. Сè послабиот кредитен портфељ на банките го илустрира и податокот дека банките кои работат во Словенија во 2010 година имале само 3,7 отсто одобрени кредити на компаниите со лош бонитет, додека кон крајот на август оваа година таквите кредити чинат веќе 7,5 отсто од нивниот кредитен портфељ. Уделот на побарувачка со доцнење на плаќањето поголемо од 90 дена е зголемен во истиот временски период од 7,4 на 13,5 отсто. Вкупниот износ на билансот на словенечките банки во август е намален за дополнителни 300 милиони евра и сега изнесува 47,2 милијарди евра.