Во борбите во Бани Валид убиен синот на Гадафи

Синот на поранешниот либиски водач Моамер ел-Гадафи, Хамис, бил убиен во борбите меѓу владините сили и групите на бунтовниците приврзани на Гадафи во градот Бани Валид, пишуваат во неделата египетските медиуми.
 
Како што се наведува во информациите, ова го потврдил официјалниот претставник на Генералниот национален конгрес, највисокото законодавно тело во Либија по соборувањето на режимот на Гадафи, Омар Хомејдан. Според него „Хамис Гадафи бил убиен во саботата навечер во борба меѓу владините сили и бунтовниците во Бани Валид“. Хомејдан, исто така, изјавил дека „телото на Хамис Гадафи е пренесено во градот Мисрата“. Претходно во саботата доцна навечер имаше непотврдени информации дека синот на Гадафи бил заробен заедно со група бунтовници во градот Бани Валид и пренесен во Мисрата. Според информациите од еден од командантите на теренот, кој учествувал во операцијата за апсење на Хамис Гадафи, синот на поранешниот водач на Либиската Џамахирија се наоѓа во една болница во градот. Има информација, исто така, дека Хамис Гадафи починал како последица на здобиените рани при неговиот транспорт во Мисрата. Претходните денови беше соопштено дека Хамис Гадафи во последно време „се наоѓа во многу лоша состојба, на границата на смртта“ во Бани Валид, но дека продолжил да раководи со приврзаниците на поранешниот режим кои го имаат под контрола градот кој беше меѓу последните упоришта на поранешниот режим. Информациите за смртта на Хамис Гадафи се совпаѓаат точно со годишнината од ликвидацијата на неговиот татко, имено полковникот Моамер ел-Гадафи кој на 20-ти октомври 2011 година беше уапсен и ликвидиран од тогашните либиски востаници во близината на неговиот роден град Сирт.
 
Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: