45 години „Скопско лето“, 75 години „Дирекција за култура и уметност“ – Јубилеј на културна традиција и издржливост

Скопје, град со богата културна историја, секоја година живее со срцето на Скопско лето. Оваа година, одбележуваме значаен јубилеј – 45 години од постоењето на фестивалот кој низ годините стана синоним за културно зближување и уметничка извонредност.

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, формирана во далечната 1949 година, веќе 75 години неуморно работи на организирање на безброј настани кои ја слават културата и ги обединуваат луѓето. Од првиот чекор, Дирекцијата создаде мостови меѓу генерациите, нудејќи квалитетна содржина за сите љубители на уметноста. Скопско лето, започнато во 1980 година, стана една од најзначајните манифестации кои го носат духот на летото во срцето на Скопје.

Скопско лето започнало во 1980 година со идеја да се пополни празнината во културните настани во текот на летните месеци, од јули до септември, по завршувањето на сезоната на институциите од културата. На почетокот, се организирале фолклорни концерти на новиот кеј на Вардар. Со текот на времето, фестивалот се проширил и вклучил концерти на млади рок-групи низ градот. Ова довело до спонтано сфаќање дека токму вакви настани му се потребни на Скопје.

Овој фестивал е создаден на иницијатива на Културно-просветната заедница (формирана во 1948, сега Дирекција за култура и уметност), со поддршка од Туристичкиот сојуз на Град Скопје, Музичката младина на Македонија и Домот на младите. Советот на „Скопско лето“, составен од културни и општествени работници, поставил концепција за мултимедијална манифестација, отворена за публиката и дисперзирана на повеќе локации во градот. Во почетокот на 1980-тите, фестивалот се фокусирал на локални програми, а кон 1990-тите започнала меѓународна соработка.

Фото: Александар Кондев

Скопско лето експериментално употребувало нови сцени, кои подоцна станале културни репери на градот. На пример, Куршумли ан првпат бил искористен како сценски простор токму на овој фестивал, за изведбата на „Солунски патрдии“ на Драмскиот театар. Во последните години, главна отворена локација беше Сули ан (Факултет за ликовни уметности), а претходно и Капан ан беше дел од програмата пред да стане угостителски комплекс. И Чифте амам бил препознаен како културен простор првпат на „Скопско лето“ во 1990-тите со проектот „Ликвор Амни“, кога објектот бил запуштен и малкумина знаеле за неговото постоење.

Претстави, перформанси и мултимедијални настани на „Скопско лето“ се одржувале на различни локации како Идадија, старата учителска школа, Градскиот парк и некогашниот Кермез, во Луна-паркот, каде што се одржуваше театарскиот маратон „Театар на месечина“ и програмата „Кафе-кино“. Некои од овие локации беа сцена за специјално создадени претстави за фестивалот, како: „Светулки во ноќта“, „Техноѕвезда“, „Пат за Парамарибо“, „Три сестри“, „Горјаболко“, „Салома“, „Хамлет машина“.

Фото: Александар Кондев

Во иднина, се очекува институциите да го препознаат значењето на овој фестивал и да помогнат во неговото одржување. Се надеваме дека „Скопско лето“ ќе продолжи да се развива и ќе продуцира сопствена програма, со што ќе го задржи својот реномиран статус и ќе продолжи да ја збогатува културната сцена на Скопје.

И покрај намалувањето на финансиската поддршка низ годините, волјата и посветеноста на организаторите никогаш не стивнаа. Минатата година, фестивалот се реализираше со намален буџет. „Оваа година и покрај тоа што сме  соочени со намален буџет од само 800.000 денари од Министерството за култура и без поддршка од Град Скопје, Скопско лето сепак ќе се одржи со богата и квалитетна програма“, истакнаа организаторите.

Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, на прес-конференцијата по повод 45 годишниот јубилеј на овој значаен фестивал, ја истакна важноста на континуитетот и посветеноста. „Сакам да им се заблагодарам на тие што во 1980 го стартуваа Скопско лето. Тие сметаа дека Скопје заслужува манифестација во текот на летото, а ние се трудиме секоја година да го оправдаме тоа,“ рече Глигоров, додавајќи дека програмата годинава е достојна за јубилејното издание.

Фестивалот ќе започне на 21 јуни со концертот на хрватскиот пијанист Звјездан Ружиќ во Куршумли Ан, и ќе го затвори концертот на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ на 31 јули во Сули Ан. Звјездан Ружиќ доаѓа во Скопје со својот уникатен проект „Пијанотрон“ – комбинација од пијано, мелотрон и педали. Иако е академски џез пијанист, Пијанотрон е филмска музика со влијанија од џезот, класиката, поп, рок и етно музиката. Звјездан има соработувано со уметници како „2Cellos“, „Harlem Gospel Choir“, Јосипа Лисац и други. Неговите авторски албуми се наградени со 5 „Порин“ награди, а шест пати ја добил наградата „Статус“ за најдобар џез пијанист во Хрватска. Како официјален уметник за „Yamaha Pianos“, ќе пристигне во Скопје директно од Лондон на Светскиот ден на музиката за да настапи на Скопско лето.

Во текот на 40 дена, посетителите ќе имаат можност да уживаат во 22 концерти, 7 театарски претстави, од кои 3 се за деца, 7 изложби и две промоции на книги.

Програмата на „Скопско лето“ е наменета за различни генерации, што се одразува и на разновидната публика. Покрај постојаната и верна публика која го следи фестивалот со децении, „Скопско лето“ привлекува и нова, млада публика. Младите не доаѓаат само за содржини привлечни за нив, како џез и блуз-концерти и популарна музика, туку се заинтересирани и за класична музика, ликовни изложби и филм.

Фото: Александар Кондев

Една од најавените содржини е концертот „Вивалдијада“ на 25 јуни во Музејот на македонската борба, каде ќе настапат камерниот оркестар на „Полифонија“, хорот „Света Злата Мегленска“ и солисти од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Дополнително, ќе се одржат концерти на институтот Фејмс на 6 и 22 јули во Сули Ан, како и завршниот концерт на „Етно Македонија 24“ на 24 јули.

Горан Наумовски најави посебен концерт на 4 јули во Операта, посветен на Григор Копров и неговите хитови, со учество на Ана Петановска, Владо Јаневски, Наде Талевска и други познати музичари.

На годинешното издание на Скопско лето ќе учествува и Францускиот културен центар со програма која одбележува 50 години од неговото постоење.

Фото: Александар Кондев

И покрај тешките времиња и предизвиците со кои се соочува, Скопско лето останува светилник на културната сцена во Скопје. Со секој концерт, изложба и претстава, се оддава почит на наследството на градот и се создава ново културно богатство за идните генерации.

Фото: Александар Кондев

Овој јубилеен фестивал не е само прослава на 45 години Скопско лето, туку и доказ за издржливоста и посветеноста на сите кои веруваат дека културата и уметноста се сржта на едно општество. Скопје, некогаш и сега, заслужува и продолжува да биде дом на културната ренесанса, благодарение на визијата и трудот на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Пронајдете не на следниве мрежи: