Три лица се убиени, а уште четири се ранети доцна синоќа во американскиот град Милвоки, кога вооружен маж упаднал во спа центар во кој работела неговата сопруга и отворил оган врз присутните.
Според шефот на локалната полиција Даниел Таскхаус, неколку часа по инцидентот, напаѓачот, идентификуван како Редклиф Хатон, е пронајден мртов. Toj извршил самоубиство. Таскхаус информира дека Хатон на полицијата и бил познат и по домашно насилство, при што во последниот инцидент пред две недели бил приведен откако ги издупчил гумите на автомобилот на својата сопруга. По проверката на спа центарот, полицијата пронашла рачно изработена експлозивна направа, која содржела шише со пропан-бутан. За градоначалникот на Милвоки, Стив Понто, нападот е „бесмислен чин на еден човек“. Инцидентот се случил во спа центарот „Азана деј спа“, сместен во голем трговски центар на периферијата на Милвоки во американската сојузна држава Висконсин. Ова е втор сличен напад во Висконсин оваа година, по инцидентот од 5 август, кога воен ветеран уби шест лица во еден храм на сиките јужно од Милвоки, по што изврши самоубиство.
Макфакс