Дали уживате во храната со сите сетила или јадете само за да не бидете гладни?Тенка е линијата помеѓу “Сакам да јадам и уживам во храната” и “Толку уживам во храната што немам контрола над себе”. Првото е сосема нормално и здраво, додека второто е карактеристика на опсесивно прејадување.
Најчестото луѓето кои имаат проблем со опсесивно прејадување не си признаваат пред себе си и мислат дека го имаат тоа под контрола, но тоа е како со било каква друга зависност, доаѓа момент кога веќе контролата ни се губи од раце.
Дури кога ќе настане проблемот и на вагата веќе ќе се појават три бројки, дури тогаш некои луѓе стануваат свесни за состојбата во која се наоѓаат.
Наједноставно за сите во такви моменти е започнување некоја диета. Па започнуваат да истражуваат, да читаат и конечно се решаваат која диета е најсоодветна. Но, за некој кој толку ужива во храната и самиот збор диета звучи застрашувачко. Иако диетата сама по себе значи правилен начин на исхрана, сепак не се сите способни правилно да расудуваат во однос на намирниците и оброците кои ги внесуваат во текот на денот.
Рестриктивно откажување од одредена храна може само да ја направи ситуацијата уште полоша затоа што ќе дојде момент кога ќе паднете во искушение и ќе почнете пак “да јадете се пред себе”.
Затоа, доколку страдате и вие од појавата на опсесивно прејдување, и многу често немате контрола врз тоа колку јадете, започнете полека… Имаме неколку стратегии како да го решите овој проблем.
Прв чекор е признавање пред себе си
Признајте си себе си дека имате проблем и сте на пола пат до решавање на истиот. Не се осудувајте, туку баш спротивно, тоа нека ви даде мотив да го решите проблемот. Секој од нас прави работи во животот кој не се толку позитивни и убави и за кои порано или подоцна ќе се покае. Но, сепак од тие грешки стануваме посилни и учиме! Бидете искрени и ветете си дека ќе направите подобра варијанта од себе!
Фокусирајте се на позитивни работи
Не е се црно или бело, гледајте на работите со позитивни очи, размислувајте позитивно. Кога сме позитивни многу полесно се фокусираме на убави работи и се мотивираме да го правиме тоа што не прави среќни. Забележете кога ви се јавува зголемено чувство за храна и се прејадувате…дали е тоа кога сте тажни или кога сте среќни?
Дали кога ќе помислите на храна сте навистина гладни или можеби тоа го правите од досадна?
Земете лист хартија и запишете колку пати во текот на денот помислувате на храна, направете анализа дали во времето кога сте помислиле сте биле вистински гладни или пак нерасположени, несреќни и ви било досадно.
Ви се јаде, а не сте гладни
Сите имаме такви моменти, но разликата е во тоа колку често ви се случува да јадете и да ви се јаде кога телото нема реална потреба за храна.
Дали знаете дека храната е многу повкусна кога навистина нашето тело има вистинска потреба од неа?
Научете да го препознавате вистинскиот глад, правете работи во текот на денот кои ќе ве одвлечат од тоа да мислите на храна постојано, не чувајте дома залихи на чоколади, чипсови и нешто што се јаде набрзина.
Сепак најважно од се е да не се осудувате себе си, сите понекогаш сме биле во ситуација да јадеме кога не ни се јаде, но ако тоа се случува секој ден, навистина може да премине во проблем.
Почувствувајте го вкусот на храната
Кај опсесивното прејадување најчесто луѓето јадат брзо без и да чувствуваат што јадат, едноставно битно им е да внесуваат некаква храна.
Направете го оброкот ритуал, седнете на маса, сервирајте убаво, направете салата и уживајте во секое залче.
Сервирајте ја храната во помали чинии и кога ќе го изедете тоа што сте планирале, ако се уште имате чувство дека ви се јаде, запрашајте се убаво или пак почекајте 5 минути затоа што можеби мозокот не сфатил дека вие сте внеле во себе доволно количина на храна.
Правете во текот на денот активности во движење
Доаѓате од работа, ручате, го пуштате телевизорот, легнувате да одморите и пак се враќате до кујна да земете уште нешто за грицкање….па нели сега ручавте…зошто?
Тоа е случај со секој втор човек, а така е затоа што на телото му е досадно, па сака на некој начин да ужива. Но, зошто тоа уживање да не биде на друг начин?
Направете кратка прошетка после оброкот, не легнувајте одма, така не само што нема да јадете пак, туку и ќе си ја подобрите и дигестијата.
Запишете се на некоја групна активност и вежбајте, вежбањето во група мотивира и нема да дозволи лесно да се откажете. Дополнително вежбњето ќе ви помогне за регулацијата на инсулинот и глукозата во крвта, што е еден од најзначајните фактори за контрола на апетитот.