5 причини зошто да ја преспиете Нова Година

Пак ќе биде сè исто. Пак ќе кркате руска салата и кифлички, на ТВ ќе ве гњават истите досадни новогодишни програми, ако славите во кафана наредниот ден пак ќе ви биде криво зошто сте си ги дале парите за “неограниченото” пиење, а по новогодишната ноќ пак ќе повторувате дека било идиотски.
Новата нема да биде ништо многу поразлична од старата
Ај да не се лажеме самите и да не се надеваме на некои драстични промени, затоа што ќе биде еднакво глупава по бројот и тежината на неизбежните срања кои ни се случувале во старата. И, по срањата кои ни ги сервираат политичарите. Затоа, чуму одбројување, дигање галама и рокање петарди?


Ќе имате повеќе пари на 1-ви
Само помислете колку побогати ќе се разбудите на 1-ви јануари доколку останете дома да ја лигавите перницата, наместо да заминете на „неодоливите” аранжмани за дочек на Нова година во хотелите низ Македонија по цена на една ипол просечна плата, или „незаборавните” дочеци по дискотеките, кафичите и кафаните по цена од третина просечна плата, по кои и онака ќе си речете „кај се заебав, кај си ги дадов парите за глупости”. Наместо да се гужвате со пијани фаци околу вас, влезете во Новата година наспани и без минус на картичка.
Ќе заштедите струја и нема да си го амортизирате новиот телевизор
Зарем не ви е преку глава од истите естрадни фаци преку целата измината година, па и Новата да ја чекате гледајќи ги нив? Од друга страна, и онака сите новогодишни програми на сите телевизии се снимени еден месец порано, а додека лицата од малите екрани тезгарат по кафани, вие ќе ги гледате нивните студиски снимки од почетокот на декември. ТВ програмата на новогодишната ноќ зрачи со посебен кич и глупост, па доколку не сакате да го пореметите вашиот кармички циклус и во наредниот живот да се реинкарнирате во амеба (а ако не и порано), баталете.
Зошто да ја чекате, кога и онака сама ќе си дојде
Океј, поштарот можеби ѕвони двапати, но календарските промени влегуваат без да ви заѕвонат, а и без да ги чекате и да им отварите врата. Затоа, зошто нова облека од штикла до глава и пијан одбор за дочек, кога на временскиот континиум воопшто не му е гајле како изгледате и како мирисате. А и онака во друштво веќе точно на памет знаете кој што ќе каже, на кои теми ќе дроби, кој прв ќе заврши повраќајќи и гушкајќи ја вц шољата… Затоа, трк во кревет. Пуштете ги егоцентричните датуми да се вртат сами.
Ќе има друга шанса
Без паника. Доколку се разбудите штрекнувајќи се во зори со помисла дека сте се зезнале што не сте ја поминале ноќта пиејќи го десеттото пиво на нечие рамо, или дека сепак сте испуштиле шанса за да ќарите нешто кое трезни никогаш не би го ни погледнале, без гајле – истите шанси ќе ги имате за највеќе 365 дена.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.