Годишните одмори веќе полека им завршуваат на сите. Училишната настава само што не почнала, се приближуваат факултетските рокови, сè се враќа во вообичаената рутина, а изгледа дека и времето ни покажува дека најтоплите денови се веќе зад нас. Со други зборови, време е за враќање на вообичаениот начин на живот. Враќањето од состојба на безгрижност во морето од обврски на многумина им паѓа многу тешко. Во психологијата познат е терминот за депресија после патување, која се препознава по уморот, загубата на апетитот, силното чувство на носталгија, а во тешките случаи доаѓа дури и до сериозни симптоми на депресија. За среќа обично исчезнува за неколку дена до неколку недели, а еве што можете да направите за да си го олесните преминот од годишен одмор во нови работни победи.
1. Подгответе се полека
Враќањето од одмор, од убавите дестинации и топли краишта е голем шок за вашиот организам и психа. Затоа е важно целосно да се подготвите. Секако од патување треба да се вратите еден или два дена порано, да ја исперете облеката, да го средите домот и да спремите што ќе носите првиот работен ден.
2. Поразговарајте со колегите за најинтересните летни авантури
Кога ќе стигнете на вашето работно место поразговарајте со колегите. Со нив поминувате неретко и повеќе од 8 часа дневно, па е важно да се одржуваат добри односи, а тоа најдобро можете да го направите после враќањето од годишен одмор. Прашајте ги како си го поминале годишниот одмор и што правеле, дали им се случило нешто посебно интересно и слично. Здравата комуникација е полна со меѓусебна почит и искрениот интерес за колегите е од пресудна важност за пријатно работно опкружување. Притоа, треба да се има мерка и да не се испрашува другата страна ако не е многу заинтересирана за тоа. Но, ваше е да покажете дека се грижите и дека сакате заедно да ги „раскажете“ летните случувања.
3. Пронајдете нешто што ве мотивира
Да, тешко е од плажа со апостолки да се премине на работно опкружување, но ако пронајдете нешто што ќе ве мотивира во работниот ден, преминот ќе биде полесен. Ако работите во канцеларија во која има канцелариски прибор, кој е неопходен, започнете ја новата работна година со купување нов прибор. Поради доаѓањето на новата учебна година продавниците се полни со попусти во кои можете да најдете навистина прекрасен прибор – роковници, позлатени ножици, самолеплива хартија. Кој вели дека снабдувањето со нов прибор е само за учениците? Исто така, канцеларијата можете да ја разубавите со некое растение или некоја ситница од патувањето, нешто што ќе ве развеселува и мотивира.
4. Направете планови
За да имате на што да се радувате во новата работна година добро размислете и направете планови за тоа што сакате да постигнете. Сакате да учествувате во некоја менторска програма или самите сакате да станете ментор? Сакате ли да напредувате на вашата функција или да учите за да ја промените кариерата? Сакате конечно да го завршите одамна почнатиот проект? Направете планови за да знаете дека имате причини да се радувате.
5. Продолжете си го летното чувство и наградете се
Сè ова ќе биде полесно ако знаете дека нè очекува уште по некој сончев ден, како и доволно прилики за дружење со најмилите. Затоа со пријателката договорете се за кафе после работа, уживајте во впивање на сончевите здрави, „украдете“ некоја вечерна прошетка низ градот пред првите дождови и уживајте во секој нов ден.