Покрај толку голем избор, понекогаш е навистина тешко да ја пронајдете вистинската крема за вашиот тип кожа. Затоа и бараме препораки од нашите пријателки при одбирањето крема, за која се надеваме дека ќе направи чуда со нашата кожа, но иако на нив им делува одлично, кај нас како да го прави токму спротивното. Па, ако ги забележувате овие знаци, тогаш без сомнение користите крема што не ви одговара. За да го задржите здравјето на вашата кожа, сменете ја веднаш.
1. Миризбата на кремата е многу интензивна
Иако на прв поглед делува дека миризбата на кремата не е воопшто важна, ако тој мирис е многу интензивен, тоа значи дека кремата е полна со хемикалии што треба да ги избегнувате по секоја цена, особено ако имате чувствителна кожа, подложна на иритации.
2. Непријатно чувство на лицето
Доколку по нанесувањето на кремата почувствувате пецкање или чешање, веднаш измијте го производот од лицето со цел да спречите дополнителна иритација на кожата. Доколку сте во можност да пробате тестер пред да се одлучите за некоја крема, направете го тоа бидејќи на тој начин ќе заштедите многу ако кремата не ви одговара.
3. Неочекувано појавување на акни
Ако неколку денови по користењето на новата крема ви се појави проблем со акни или митесери, таа најверојатно е премногу тешка за вашата кожа и може да ви ги затвори порите. Побарајте полесна, хидратантна крема.
4. Недоволна хидратација
Ако имате многу сува кожа, потребна ви е навистина хидратантна крема. Кремите што во својата структура имаат голем процент вода се идеални за личностите со мрсна кожа, додека пак, вистинскиот избор за оние со сува кожа се креми базирани на масла или хијалуронска киселина.
5. Не одговара на секој дел од вашето лице
Поголемиот дел од луѓето имаат комбинирана кожа, што значи дека на одредени делови од лицето им е сува, на некои мрсна, а на некои нормална. Доколку и вие имате ваков вид кожа, нормално е кремата да не ви одговара на сите делови од лицето подеднакво, па во тој случај добро е истовремено да комбинирате две креми што ќе задоволат и потребите на мрсната и потребите на сувата кожа.