Најголемиот број воздухопловни компании од Европа и Азија ги откажаа летовите од и кон источниот брег на САД, поради наближувањето на ураганот Сенди, а гувернерот на сојузната држава Њујорк од понеделникот попладне по локално време поради опасност од поплави најави затворање на два од трите тунела кон Менхетен во градот Њујорк.
Според информациите на Eurocontrol, агенцијата за безбедност на воздухопловниот сообраќај со седиште во Брисел, откажани се околу 300 трансатлантски летови од вкупно 500-ини колку што ги има дневно во редовни временски услови, Организацијата очекува нормализација на сообраќајот на овие линии дури во среда.
Во САД во неделата и понеделникот се откажани 7.400 домашни и меѓународни летови, главно во аеродромите во Њујорк, Вашингтон и Филаделфија.
Тунелите Холанд и Бруклин-Батери на Мехнетен се затворени за сообраќај од 19 часот по средноевропско време, објави гувернерот на американската сојузна држава Њујорк, Ендрју Куомо, што дополнително ќе го парализира мегалополисот Њујорк во кој целиот јавен сообраќај е прекинат уште од неделата поради надоаѓањето на ураганот Сенди.
Гувернерот Куомо додаде дека мостовите ќе бидат затворени кога ветрот ќе достигна брзина поголема од 96 километри на час. Притоа соопшти на прес-конференција дека најмногу загрижува водостојот кој би можел да биде „вонреден“ и да предизвика големи поплави. Додаде дека во државата Њујорк се мобилизирани дополнителни илјада припадници на американската Национална гарда, чија прва мобилизација е започната во неделата.
Покрај тоа, електроенергетските компании мобилизираат четири илјади работници за отстранување на штетите на електромрежата кои се очекуваат по надоаѓањето на ураганот.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: