За Клинтон и Ештон дијалогот и нормализацијата неопходни, независноста неспорна

Американската државна секретарка Хилари Клинтон и високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, оценија во средата во Приштина дека продолжувањето на дијалогот и нормализацијата на односите со Србија се неопходни.

За одбележување е што американската државна секретарка Хилари Клинтон, особено апострофираше дека независноста на Косово е неспорна, како и дека не може да стане збор за промени на границите, алудирајќи на прашањето за поделбата на поранешната српска покраина во чиј северен дел живее доминантно српско население.
Шефиците на дипломатиите на САД и на Европската унија во вторникот навечер пристигнаа во Приштина од српската престолнина Белград каде што претходно водеа разговори со тамошниот државен врв, а претпладнето во средата разговараа со косовската претседателка Атифете Јахјага и со премиерот Хашим Тачи.
На заедничката прес конференција по разговорите, американската државна секретарка Хилари Клинтон особено укажа на важноста од продолжувањето на дијалогот со Србија, поздравувајќи ја неодамнешната средна во Брисел меѓу српскиот премиер Ивица Дачиќ и косовскиот Хашим Тачи.
„Дијалогот е важен, тоа го гарантира долгорочниот напредок. Работиме заедно со Европската унија во таа насока, а јас сакам лично да го поздравам премиерот Тачи, кој имаше политичка храброст за средба со премиерот Дачиќ во Брисел. Тоа беше храбар потег“, изјави Клинтон пофалувајќи го косовското раководство и истакнувајќи ја истовремено предаденоста на претседателката Јахјага на демократскиот напредок на Косово и во евроатлантските интеграции.
Клинтон рече и дека САД ги повикуваат двете страни на продолжување на спроведувањето на постигнатите договори и постигнување спогодби за нови договори  коишто се неопходни за напредокот во односите меѓу двете земји.
Американската државна секретарка особено истакна дека САД нема да прифатат доведување во прашање на независноста на Косово, ниту разговори за промени на границите.
„Се спротивставуваме на секој разговор за промена на границата или повторното отворање на прашањето за независност на Косово. За тоа не може да има преговори“, го повтори својот став Клинтон, кој во вторникот исто така го искажа и во Белград.
Притоа го истакна „големиот напредок што го остварило Косово  во краток период“, изразувајќи заедно со Ештон поддршка на косовските желби за интеграција во ЕУ и во НАТО.
Од своја страна, високата претставничка на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика, Кетрин Ештон, на истата прес-конференција во Приштина во средата рече дека сите земји во регионот треба да го продолжат својот пат кон интегрирањето во Унијата.
„Дијалогот не е лесен, ниту за премиерот на Косово, ниту за премиерот на Србија. Овој дијалог има цел да изгради подобар живот за сите граѓани, вклучувајќи ги и оние на северот. Тоа се постигнува со отворени и слободни разговори“. Тачи и Дачиќ покажаа храброст на состанокот во Брисел“, рече Ештон. Додаде дека во разговорот со косовските челници рекла оти Косово и Србија имаат јасна перспектива за интеграциите во ЕУ, како и дека и двете страни треба да покажат своја предаденост на тој пат преку исполнување на критериумите и нормализацијата на меѓусебните односи.
Косовскиот премиер Хашим Тачи изјави дека им гарантирал на државната секретарка Клинтон и на високата претставничка Ештон дека Косово ќе ги исполни сите критериуми на патот кон интеграциите во ЕУ и во НАТО. Ја изрази, притоа, подготвеноста на косовското раководство да работи на атрактивни проекти за северот на Косово повторувајќи дека присуството на српските структури во северниот дел создава големи тешкотии.
Косовската претседателка Атифете Јахјага, пак, во разговорот со Клинтон и Ештон истакнала дека дијалогот е единствениот начин за решавање на отворените прашања и изградбата на добрососедските односи, како еден од предусловите за членство во ЕУ. Ја поздрави средбата на двајцата премиери како важен чекор кон нормализација на односите. Особено ги истакна дека верува оти процесот на дијалог треба да биде фокусиран и временски ограничен оценувајќи дека ќе даде долгорочни резултати, меѓу и дека ќе го зајакне суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово, исто така истакнувајќи дека косовското раководство има најдобра понуда за српската заедница и нејзината интеграцијата во косовските институции од што тие би требало да имаат позла, се наведува во соопштението издадено по разговорите од канцеларијата на косовската претседателка.

Макфакс

Прочитајте ги следниве статии

Меркел: И покрај кризата, ЕУ е отворена за цел Западен Балкан
Дојче Веле: Хилари доаѓа без волшебен рецепт за Балканот

 

Пронајдете не на следниве мрежи: