Новиот патријарх Александриски е eпископ Теодорус

Со ова заврши последната фаза од повеќестепениот начин на избор на новиот поглаварот на коптските христијани.
Официјалното име на новиот патријарх Александриски е Теодорус Втори.
Светото место на поглаварот на коптската црква остана празно по смртта на 117-от патријарх Александриски Шенуда Трети кој почина кон средината на април 2012 година во египетската престолнина на 89-годишна возраст.
Во присуство на неколку илјади христијани коишто се собраа во соборниот храм Свети Марко, името на новиот патријарх Александриски го објави вршителот на должноста поглавар на коптската црква, митрополитот Пахомиус. Зборовите на митрополитот биле дочекани со заглушувачки овации, како од мноштвото присутни на церемонијата во храмот, така и од многуте Египќани коишто ја исполниле целата територија на коптската Патријаршија.
Неколку минути пред објавувањето на изборот на Теодориус, 118-от поглавар на коптската црква, митрополитот Пахомиус му ги заврзал очите на едно момче кое од стаклен извлекло едно од трите ливчиња на коишто биле претходно испишани имињата на тројцата коптски свештеници кои се пробија до завршната фаза за изборот на поглаварот.

Од рацете на момчето митрополитот ја земал белешката и на глас пред присутните во храмот го прочитал името на новиот патријарх. По волјата изборот падна на епископот Теодориус кој отсега до крајот на својот живот ќе го држи тронот на патријархот Александриски и на цела Африка.
Новиот патријарх Теодориус Втори, со световно име Вагих Субхи Баки Сулејман, во неделата наполни точно 60 години, роден е на 4-ти ноември 1952 година во египетскиот град Ал Мансур. Во 1975 година дипломирал на Факултетот за фармација на Александрискиот Универзитет. Работел неколку години во структурата на Светската здравствена организација (СЗО – WHO) во Велика Британија, а потоа бил директор на фабрика за производство на лекови при министерството за здравство на Египет во градот Даманхур. Како неженет се замонашил во јули 1988 година, во манастирот на свети Бишо.

Ракоположен е за свештеник во јули 1998 година. Автор е на 12 теолошки книги. Покрај арапскиот, течно го зборува и англискиот јазик. До неговото прогласување за поглавар на Коптската православна црква, тој беше епископ на египетската провинција Ал-Бухејра.
Официјалната церемонија на востоличувањето, стапнување на светиот престол на новиот коптски поглавар, според информациите од патријаршијата ќе биде одржана на 18-ти ноември годинава.
Теодориус Втори уште од првиот ден на стапнување на чело на патријаршијата ќе се ангажира на решавање на многу сложени прашања со кои се соочуваат христијаните во Египет денес.

Главното меѓу нив, како што сметаат во патријаршијата, е „надградбата внатре во самата коптската црква“, во врска со значителното зголемување на младите меѓу египетските христијани, како и ангажирање во „конструктивен однос со новата влада“ на земјата, на чиешто чело летово дојдоа поддржувачите на исламистичкото движење Муслиманско братство.
Коптската православна црква е една од најстарите христијански цркви во светот. Според преданието, таа е основана од страна на Апостол Марко кој се смета за нејзиниот прв патријарх. Во моментов, коптите се најбројната христијанска конфесија на Блискиот исток, а огромното мнозинство на коптите живеат во Египет. Во моментов, според официјалните податоци, бројот на коптите во Египет изнесува околу 10 милиони. Коптите, пак, тврдат дека во земјата има речиси 17 милиони христијани, или околу 20 отсто од вкупно 85 милионското население Египет.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: