Групата 20 најразвиени држави во светот и економии со забрзан развој разговараа во неделата за решавање на неуморната должничка криза во Европа, во време на нова загриженост околу Грција, додека ситуацијата во САД истотака е неизвесна поради фискални дилеми.
Министрите за финансии и гувернерите на централните банки од државите на Г20 започнаа вчера дводневен состанок во Мексико, со цел ублажување на стравувањата во врска со заканата на глобалниот економски раст, пренесе Франс прес.
Епицентарот на кризата повторно се врати во Грција, која сеуште не постигнала договор со кредиторите за мерките за штедење, неопходни за ослободување на траншата помош, без која Атина веќе кон средината на наредниот месец би можела да банкротира, во време кога Шпанија е под притисок да побара пакет помош.
Додека Европа настојува да го убеди светот дека ја решава должничката криза, од САД не се очекува објаснување за тоа како планира да се справи со таканаречениот „фискален гребен“, комбинација на буџетско штедење и раст на даноците, кое што треба да стапи на сила од 1 јануари, доколку Белата куќа и Конгресот не постигнат договор.
Иако фискалната состојба во САД е причина за загриженост, не се очекува напредок по тоа прашање пред завршувањето на претседателските избори, кои се одржуваат во вторник.
„Состанокот на Г20 доаѓа во време на загриженост околу неколку ставки во различни делови на светот. Постојат стравувања за таканаречениот фискален гребен во САД, изјави министерот за финансии на Мексико, Хозе Антонио Меаде.
Иако еврозоната се приближува кон банкарска унија и активираше нов антикризен фонд, проблемите во Грција се вратија и ја потресуваат монетарната унија.
Грчкиот премиер Антонис Самарас предупреди вчера дека Атина би можела да биде приморана да излезе од еврозоната, доколку грчкиот парламент не ја одобри новата рунда на мерки на штедење, потребни за исплата на наредната транша помош.
Меѓународниот монетарен фонд, по јунскиот самит на Г20, ја намали прогнозата за економскиот раст на глобално ниво во тековната фискална година од 3,5 на 3,3 отсто, а за следната година прогнозата, исто така, е намалена од 3,9 до 3,6 проценти.
За земјите во развој, ситуацијата е слична: стапката на раст за Бразил, според ММФ, ќе се намали од 2,5 до 1,5 отсто, а за Кина од 8 до 7,8 отсто.
Макфакс
Погледнете ги следниве статии
Г20 почнува во Мексико
Еврозоната повторно пред рецесија, кризата ја зафаќа и Германија?
ЕУ подготвена да и помогне на Шпанија да се справи со кризата
Пронајдете не на следниве мрежи: