Реномираниот британски дневен весник The Guardian во вторникот објави осврт на неодамна објавената книга „All the Countries We've Ever Invaded: And the Few We Never Got Round To“ во кој многу критички се осврнува на идејата на авторот како „лесна лектира“ да ја претстави британската историја на насилни освојувања и многу инвазии во светот.
Авторот Ричард Сејмур во написот во The Guardian со наслов „Британија извршила инвазија врз 90 отсто од земјите во светот. Ха, ха?“, се пресметува не само со авторот на контроверзната книга „All the Countries We've Ever Invaded: And the Few We Never Got Round To“ Стјуарт Лејкок, туку и со многуте критики коишто оваа книга ја прикажуваат како привлечно и непретенциозно четиво.
Лејкок две години ги проучувал историите на речиси 200 земји во светото, раководејќи се според азбучен ред како критериуми, и притоа открил дека само 22 од нив никогаш во својата историја не биле цел на инвазија на британската армија, при што во големо мнозинство збор станува збор за далечни земји. Дваесет идвете земји коишто никогаш не биле цел на британските војски, според Лајкок, се: Андора, Белорусија, Боливија, Бурунди, Чад, Гватемала, Киргистан, Конго, Лихтенштајн, Луксембург, Мали, Маршаловите острови, Монако, Монголија, Брегот на слоновата коска, Парагвај, Средноафриканската Република, Свети Тома и Принсипе, Шведска, Таџикистан, Узбекистан и Ватикан.
Земјите се разгледувани според денешните називи и во нивните денешни граници, иако голем дел од истражувањето се однесува на периодот кога не било така, на пример Македонија во периодот на Првата светска и балканските војни. Авторот опфатил 192 држави членки на Обединетите нации, како и Ватикан и Косово коишто го немаат тој статус, но се признати од Велика Британија како независни држави.
„Другите земји мора да се чувствуваат многу запоставени. Новото истражување покажува дека британските војници во некој момент од историјата практично го нападнале секого. Палавите Британци прегазиле „запрепастувачки 90 отсто од земјите во светот’, а меѓу 22-те земји коишто трагично ги превиделе се Шведска, Монголија и Ватикан“, цитира дел од книгата во својот вовед во написот авторот на The Guradian, Ричард Сејмор.
Авторот на книгата, пак, смета дека таа воопшто не е „лесна лектира“, во којашто не се истакнува етички став за Британската империја, со што не се согласува Сејмор.
„Како прво, лесната сатира, со којашто е пишувана книгата, самата посебе имплицира одредена перспектива во врска со настаните коишто повеќето луѓе ги сметат за проблематични. Замислите нежна фарса за геноцидот во Руанда, па ќе увидите колку тоа е непримерно“, се вели меѓу другото во написот на Сејмор.
Се истакнуваат, исто така, и недостатоците на пристапот во книгата, нагласувајќи дека тој е неисторичен, бидејќи како трајно толкува нешто што е условено од околностите. Многу инвазии се случиле пред формирањето на Британската империја, чиешто настанување историски почива на освојувањето на Ирска и сојузот со Шкотска, а првата инвазија којашто се споменува во книгата е од II век врз Галија во којашто „наводно имало многу Британци“, како што се наведува во книгата на Лејкок.
Сејмор во својот напис заклучува дека книгата претставува „помалку приказна за авантурите и интригите, како што се рекламира, туку многу повеќе потврда на баналноста и злото. Станува збор за секојдневна институционализирана свирепост. А тоа и не е некоја особена ’квака’“.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: