Авторот на филмот „Невиноста на муслиманите“ кој во исламскиот свет беше примен како навреда за Пророкот Мухамед и муслиманите и предизвика бран жестоки протести со жртви, во средата е осуден на една година затвор поради кршење на условната слобода во афера со банкарска проневера.
Педесет и петгодишниот Марк Басили Јусеф, кој претходно беше познат како Накула Басили Накула, признал пред судот во Лос Анџелес дека користел неколку псевдоними кршејќи ја одредбата за условна слобода.
Признавајќи ја вината по четирите точки од обвинението, на пример добивање калифорниска возачка дозвола со помош на лажен идентитет, Марк Басили Јусеф, постигна договор со обвинителството коешто се откажа од другите четири точки од обвинението.
Користењето на лажен идентитет претставува кршење на условната слобода, па Басили е осуден на сојузниот суд во Лос Анџелес на една година затвор, по која следат четири години судски надзор.
Јусеф, со живеалиште во Серитос, јужно до Лос Анџелес, беше приведен на 27-ми септември, откако неговиот филм предизвика бран насилства во муслиманскиот свет, при што згинаа околу 50 луѓе, меѓу кои и американскиот амбасадор во Либија Кристофер Стивенс и уште американски дипломати во земјата.
Познато е дека Накула до неодамна живеел во градот Серитос во Јужна Калифорнија, и по распитот во септември тој веројатно се крие на место каде што никој не го знае.
На Басили кој претходно е регистриран во кривичната евиденција, му е забранета употреба на компјутер и пристап до интернет.
Басили чиешто име се споменува во врска со филмот „Невиноста на муслиманите”, е египетски христијанин Копт.
По неговото испитување американските власти не сакаа да откријат дали Накула Басили Накула и Сем Бејсил, кој исто така се доведува во поврзаност со филмот се иста личност.
Во претходна изјава, Басили негираше дека тој самиот е Сем Бејсил, но додаде дека го познава.
Авторската екипа на филмот „Невиноста на муслиманите” претходно објави дека продуцентите на филмот ги користеле нивните материјали, но не им ги соопштиле нивните вистински намери.
Како што претходно се пишуваше, англискиот саундтрак бил додаден по завршувањето на филмот и не се совпаѓа со оригиналното сценарио.
Така, кога на филмот се слуша името на пророкот Мухамед, актерите или не се видливи во кадарот, или нивната артикулација не одговара на звукот.
Басили Накула не негира дека обезбедувал логистичка и организациска поддршка за авторите на филмот, но вели дека тој не се јавува како режисер.
Макфакс
Погледнете ги следниве статии
Брејвик осуден на 21 година затвор
Израелски новинар осуден на 4 месеци општествено полезна работа
Собарот на папата Бенедикт XVI осуден на година ипол
Пронајдете не на следниве мрежи: