Еден од основачите на најголемиот регионален музички фестивал Exit, Бојан Бошковиќ поднесе оставка на местото генерален менаџер на манифестацијата, по информациите дека ќе биде укината поддршката за фестивалот, додека градските власти на Нови Сад демантираат ваквата вест.
Министерството за финансии во средата најави дека поради штедење многу проекти и манифестации во следниот период ќе бидат ускратени од државната финансиска поддршка, а меѓу нив и музичкиот фестивал Exit, најголемиот настан од овој тип кој се случува на просторите на југоисточна Европа.
Досегашниот генерален менаџер Бојан Бошковиќ тврди дека одржувањето на фестивалот без помош од државата не е возможно. Според него „погубно е што државата не го цени тоа што Exit до денес го направи за имиџот на Србија”.
„Ние во уништената Србија сторивме нешто за што се зборува во светот веќе со години. Донесовме повеќе туристи од тоа што некој можеше и да сонува. Го променивме грозниот имиџ што го имаше оваа земја. И сега никој ниту нé повика да разговараме. На пример, да не праша, во ред, доколку ви ја укинеме помошта, што ќе оправите?”, изјави Бошковиќ за новосадското Радио 021.
Другиот дел од водството на фестивалот истакнува дека не добиле никаква официјална потврда за укинувањето на државната поддршка за Exit и дека водството бара нов менаџер.
Милош Вучевиќ, градоначалникот на Нови Сад, главниот град на српската покраина Војводина, изјави дека градот и државата ќе ја продолжат соработката со Exit и тврди дека фестивалот претставува „еден од најпрепознатливите брендови, не само за Нови Сад, туку и за Србија”.
Вучевиќ, притоа, додава дека добил убедување од вицепремиерот на владата на Србија, Александар Вучиќ, со кој се истопартијци од владејачката Српска напредна партија (СНС) на претседателот Томислав Николиќ, дела и другите републички тела ќе го поддржат фестивалот, така што Exit ќе ја има поддршката и на државно ниво.
Фестивалот Exit кој кон крајот на 1990-те настана како израз на револтот од тогашната ситуација во Србија, со текот на времето стана еден од најголемите музички настани во овој дел од европскиот континент на кој настапуваат многу светски познати групи и изведувачи.
Во текот на четирите фестивалски денови, го посетуваат околу 200 илјади љубители на музиката, како од регионот, така и од земјите од Европската унија.
Погледнете ги следниве статии
Manaki Brothers – Android водич за тековниот кинематографски филмски фестивал од CodeWell
Францускиот филм „Дома“ најдобар на фестивалот во Сан Себастијан
Скопскиот џез-фестивал
Пронајдете не на следниве мрежи: