Грчкиот парламент доцна ноќта кон понеделникот го изгласа кризниот буџет за 2013 година, чија цел е да се намалат трошоците за 9,4 милијарди евра и пад на бруто домашниот производ (БДП) од 4,2 отсто.
Буџетот беше последниот голем закон кој го бараа меѓународните доверители на Грција, Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд, во замена за следната транша од странската финансиска помош во износ од 31,5 милијарди евра.
Минатата среда Грција го изгласа и кастрењето на јавните расходи за 13,5 милијарди евра, што претставува уште една мерка со којашто треба да се забави економскиот пад на земјата.
И покрај усвојувањето на законот за буџетот, разликите меѓу заемодавците за натамошна имплементација на програмата ја прават малку веројатна исплатата на траншата во наредните денови, како што се надева Атина. Грција веќе најави дека следната седмица ќе земе повеќе од 3 милијарди евра во краткорочни хартии од вредност со рок на доспевање од 1 и 3 месеца, со цел да го избегне банкротот поради неможноста да го исплати долгот од 5 милијарди евра по обврзници коишто доспеваат за наплата на 16-ти ноември.
„Траншата ќе бидат исплатена што е можно поскоро“, ги уверуваше пратениците министерот за финансии Јанис Стурнарас. Според него „никој не ќе може по донесувањето на буџетот да каже дека Грција не ги исполнува своите обврски“.
Премиерот и лидер на конзервативците Антонис Самарас им вети на пратениците дека преземените мерки за намалување на трошоците ќе бидат последни. Самарас, исто така, вети дека ќе биде вратено сегашното намалување на платите и пензиите „кога земјата ќе излезе од дефицитот“. Покрај тоа, според Самарас, новата транша од заемите е веќе решено прашање: „Парите ќе дојдат на време“, рече грчкиот премиер“.
Лидерот на најголемата парламентарна опозиција радикалната левичарска групација СИРИЗА, Алексис Ципрас, остро се спротивстави на предложениот буџет. Според него, антикризната програма не функционира, заемодавци уште дополнително треба да го отпишат грчкиот долг, а владата е должна да обезбеди дека тоа ќе биде направено без никакви дополнителни намалувања на расходите во буџетот.
„Вие сте единствените во Европа кои не водат разговори за отпишување на долгот. Новото реструктуирање е нешто сигурно и неизбежно. Едноставно, ако вие останете во владата, тоа ќе значи уште еден меморандум (со доверителите)“, рече Ципрас обраќајќи му се на премиерот Антонис Самарас.
Доверителите на Грција уште не можат да постигнат консензус за тоа како да се продолжи со програмата за спасувањето на Грција. Особено откако првичната цел да се намали буџетскиот дефицит до 120 отсто од БДП-то до 2020 година се покажа како недостижна, имајќи го предвид континуираниот пад на грчкото БДП. За да се постигни оваа цел, доверителите може да бараат намалување на каматата на заемите за Грција, откажување од добивката по нив или уште едно отпишување на долгот. Сиве овие опции ќе бидат тешко прифатливи поради незадоволство кај гласачите во земјите од еврозоната коишто на овој начин уште повеќе ќе го финансираат грчкиот долг.
Преземено од Макфакс (https://www.makfax.com.mk/)
Пронајдете не на следниве мрежи: