Судир меѓу ЕУ и ММФ околу решавањето на должничката криза на Грција

Министрите за финансии на земјите членки на еврозоната  и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) јавно се судрија во понеделникот навечер околу продолжувањето на рокот на Грција за средување на ситуацијата со нејзините јавни финансии и опциите за ново отпишување на долгот.

Како што пишуваат во вторникот европските медиуми, претседателот на еврогрупата (министрите за финансии на земјите членки на еврозоната), Жан-Клод Јункер изјави дека земјите од еврозоната сакаат на Грција да и’ го продолжат рокот за две години, до 2022 година, да го намали својот долг на зацртаните 120 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Рокот за намалување на дефицитот, би требало, исто така, да биде продолжен за две години, до 2016 година.
На заедничката прес-конференција во Брисел, извршната директорка на ММФ, Кристин Лагард даде сигнали дека не е одушевена од продолжувањето на рокот за намалувањето на долгот, забележува аналитичарот на информативниот портал EUobserver.
„Ние сметаме дека сосема пристоен е рокот до 2020 година. Очигледно нашите ставови се разликуваат“, изјави Лагард.
Закажан е уште еден состанок, на 20-ти ноември, за да може двете страни да ги надминат разликите во своите ставови.
Невообичаеното јавно несогласување, сепак не е добар знак за постигнувањето на договорот меѓу странските доверители на Грција. Двете страни мора да постигнат договор за да биде исплатена новата транша од вториот голем пакет меѓународна финансиска помош за Атина, во износ од 31,5 милијарди евра.
Исплатата на оваа транша, така, е одложена и покрај тоа што грчкиот парламент доцна ноќта кон понеделникот ги изгласа дополнителните непопуларни мерки за штедење во рамките на буџетот за 2013 година. На 16-ти ноември, во петок, доспеваат за наплата пет милијарди евра трезорски записи и се заканува опасност дека Грција нема да може да ја исполни оваа обрвска.
Јункер, пак, тврди дека нема да има тешкотии. „Нема да ви кажам како ќе го решиме овој проблем, но на 16-ти ноември нема да има неволји“, тврди шефот на еврогрупата.
Спорот меѓу ЕИ и ММФ, инаку, тлее веќе подолго време. Лагард го застапува ставот дека треба д асе почитуваат зададените рокови и дека земјите од еврозоната мора да прифатат отпис на дел од побарувањата од кредитите на Грција. Во еврозоната, пак, сметат дека грчката економија може да се опорави и дека земјата може успешно да го сервисира својот долг, доколку и’ се даде дополнително време. Додека нов отпис на долгот по побарувањата по кредитите се смета за целосно политички неприфатливо.
Главната причина за одложувањето на одлуката е прашањето дали ќе биде донесено решени на Грција да и' одобрат уште две дополнителни години за да го сведе својот буџетски дефицит во проектираните рамки. Продолжувањето на периодот за намалување на грчкиот буџетски дефицит од 2014-та на 2016 година, се проценува дека ќе чини уште меѓу 15 и 30 милијарди евра Така, доколку на Грција и' биде одобрен дополнителен рок, земјите членки на еврозоната ќе мора да договорат и дополнителна помош за Грција.
А тоа, пак, ќе биде тешко изводливо од политички аспект, особено во Германија, Холандија и Финска каде што јавноста веќе реагира на одвојувањата за спасување на слабите членки на монетарната унија. Покрај тоа, за продолжување на рокот ќе бидат потребни и одобрувања од парламентите на Германија, Холандија и Словачка.

Макфакс

Погледнете ги следниве статии

Унгарскиот премиер ги одби условите на ММФ за финансиска помош

Презадолжената Грција во 2014 година излегува од рецесија

Јункер изјави: „Грција нема да ја напушти еврозоната“

Пронајдете не на следниве мрежи: